сабота, ноември 16, 2024
домаКУЛТУРАТеатар и ФилмДецата од Ресен го оживеаја на сцена „Шеќерното дете” на Славко Јаневски

Децата од Ресен го оживеаја на сцена „Шеќерното дете” на Славко Јаневски

Во полната сала во општина Ресен на 20 септември премиерно и репризно на 23 септември беше изведена детската аматерска претстава „Шеќерното дете“. Со искрени аплаузи беа поздравени изведбите на претставата во која играат 27 деца, а во адаптација на текст од Даринка Веслиевска според лектирното дело „Шеќерна приказна“ на нашиот познат македонски писател Славко Јаневски.

Режијата е на познатиот поет Сотир Чаушевски и Даринка Веслиевска, сценографијата на Виолета Колодезни, костимографијата на Соња Шикалевска Ангелковски, музиката на Кристијан Милошевски и Тони Карапанчевски Леко, фотографии и видео на Кице Герасовски.

Екипата заедно со децата на возраст од 6-13 годишна возраст со многу посветеност, труд, соработка и пред сѐ љубов, умешно ја оживеаја приказната за Шеќерното дете кое храбро и достоинствено ќе го ослободи славејот од шумските арамии и направија убав спој прикажувајќи ги занаетчиите и нивните занаети. Дечињата и покрај нивното прво искуство глумеа беспрекорно и покрај брзите промени, помалку текст со повеќе движења на сцена, посочи авторката Даринка Веслиевска, која посочи дека ќерката на Славко Јаневски, Јана Јаневска со чие одобрение е подготвена адаптацијата, пред премиерата им посакала успех, среќна дека повторно е оживеано прекрасното дело на нејзиниот татко.

-Уште наредниот ден добивме покани да гостуваме во други градови и да играме на голема сцена. Проектот е од големо значење за нашиот крај за промоција на занаетчиите, децата научија повеќе информации за занаетите дури и изработија магнети кои им беа подарени за спомен. Нашиот град е мал, но со богата традиција и вредности кои благодарение на ваквите проекти може да се покажат на децата кои се најважен фактор во општеството и нашата иднина – вели Даринка Веслиевска.

Покрај детската аматерска претстава имаше и кратка презентација на сите активности од интердисциплинарниот проект „Шеќерното дете и занаетчиите “ кој е финансиски поддржан од Министерството за култура на Р.С.Македонија и просторно од Општина Ресен. Како што посочи проект координаторката м-р Даринка Веслиевска, тој ги вклучува дисциплините: занаетите во минатото и денес, учење занаетчиски занает и едукативни и креативни работилници.

Во делот на занаетите во соработка со здружението „Иднина на традицијата“ и нивните членови Сашко и Гордана Стојаноски се одржаа едукативни работилници под наслов „Занаетите во минатото и денес “ и „Дојди и научи занает“ со акцент на бакрорезот со кој се занимаваат како единствени занаетчии во општина Ресен. На почетокот се одржа и инклузивна работилница „Ајде да играме заедно“ низ интересни игри со цел да се створи емпатија и солидарност кон лицата/децата со попреченост. Оваа работилница ја реализираше М-р по специјална едукација и рехабилитација Дивна Стефановска Симовска. А.Р.

Посетивме неколку занаетчии кои сеуште опстојуваат во нашиот град, топло пречекани бевме и од Моника Ангелевска која е дипломиран дизајнер и има студио за венчаници Монсоло.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура а просторно од Општина Ресен и градоначалникот Јован Тозиевски. Голема благодарност до родителите кои соработуваа и помагаа.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ