сабота, декември 21, 2024
домаНасловна"Дедо Мраз" донесе многу подароци кај семејството Младеновски во Враготурце

“Дедо Мраз” донесе многу подароци кај семејството Младеновски во Враготурце

Валентина Ѓоргиевска Парго

“Дедо Мраз постои и ни донесе пакетчиња и куп подaроци!” – сигурно Мики и Елеонора ќе раскажуваат вака кога ќе пораснат, потсетувајќи се на 30 декември 2019, ден пред Нова година, кога на нивната врата со ѕвончето се појави Дедо Мраз, влезе весел и им запеа новогодишна песничка, им подари пакетчиња и за неколку минути го снема. Како да исчезнал низ оџакот, онаму каде и доаѓа, како што вели бајката. Да, навистина Дедо Мраз дојде и кај нив, но не со украсени ирваси кои трчаат и летаат, ами со убав опремен џип, зошто да не беше таков немаше шанси да се искачи на врвот на планината, на македонско српска граница, за да ги најде овие дечиња. Имено, по објавата за тешката, претешка, ситуација на работ меѓу реално и неподносливо, во која живее семејството на Новко Младеновски, денеска мала екипа отиде да ги однесе донациите од Детската амбасада “Меѓаши”, Хуманитарната организација “Свети Спас” и отец Оливер Петковски, како и анонимни донатори, во селото Враготурце, општина Старо Нагоричане. Ако случајно сте слушнале дека постои и сакате да одите, поради живописните природни предели, најдобро е со вас да понесете некој искусен патеписец, зошто ние и со два џи пи ес уреди на мобилни телефони се загубивме едно десеттина пати. Ознака за ниедно село нема никаде, во првото најблиско село Пелинце, едвај најдовме една бабичка која чекаше автобус, потоа во селото уште еден дедо, кои описно не упатија. “Ќе одите лево, па на парчето десно…” . И веднаш се губите, зошто на планината секое парче разгалена трева за нив е патче. Пат нема. Асфалт не стигнал до таму. По речиси едночасовна талкање низ планината наидовме на првата куќа (од предминатиот век), како од филмовите на Милчо Манчевски и” Медена земја” , пред која откако забележавме кучиња сфативме дека може некој да има внатре. Свирна возачот, излезе една насмеана ситна жена. Ја замоливме да ни објасни каде е Враготурце, ни објасни, дури ја знаеше и фамилијата каде одиме. На многу друго не се сеќава, тетка Добринка. Откако минатото лето работејќи врз неа паднала греда и искрварила во главата, не знае многу. На доктор не отишла, “ее, кој ќе те однесе и како”, ја оправда својата ситуација. Синот единец живее со неа тој ја издржува работејќи во Враготурце. Така некако стекнавме впечаток дека во Враготурце нешто работи, пред да се поздравиме со тетка Даринка и да и дадеме подарок на кој многу се израдува. Ни, се додека не стапнавме во селото, кое како да е дел од некој страшен филм. Во првиот дел, каде има куќи од предминатиот и понекоја од минатиот век, излезе една бабичка и ни кажа дека сме во Кметовското маало на селото и дека до другиот дел, на другата гора, ни требаат десетина минути. Младеновски се најгоре, но за да стигнете до нив возачот на супер модерниот џип мораше да го приклучи плус осигурувачот 4 по 4, за сите тркала истовремено да влечат, како трактор. Инаку џипот по таа стрмнина нема да може да се искачи.
Чиниш дека овие села се заборавени од Господ. И дека во нив нема присуство на луѓе. Ја препознавме малата куќичка во која бевме упатени, а деновиве осамна на порталите. Се појави и 84 годишниот жилав чичко, стрико на Новко, кој не насочи како да се паркираме со џипот. Збунетите домаќини набрзо се стрчаа. Дома беа само мајката Живка, двете ќерки најстарата Ангелина, Елеонора и веселиот Мики кој не пречека го изушка дедо мраз, не можеше да се изнарадува. Го удираше челото со својата дланка. Веднаш и беше подарен лаптопот на Елеонора, која секој ден пешачи 13 километри до училиштето, а сите пакети со храна, намирници, обувки и облека беа распослани на креветот во премалата земјена соба- куќа со два кревети и едно масиче, во кое не внесоа зошто таму гореше оган. Внатре нема место за повеќе од двајца- тројца па моравме брзо да си одиме. Оставивме радост, веселба и веќе расветени очи. Новко и двата сина не се тука, ни објасни неговиот стрико и братучедот. Тие се во Горно Коњаре. Бевме изненадени од информацијата дека таму имаат куќа и дека утре, за дочекот на Новата година целото семејство се сели со нив. Моравме да го пронајдеме за да му ја врачиме и финансиската помош од анонимен донатор. Го најдовме со другите два сина Филип и Стефан. Но повторно нашите очекувања ги надмина секое разочарувањето. Тој ја има оваа трособна куќичка уште од јули, но под кирија од 50 евра. Била сосема празна а неодамна му донирале три кревети и креденец и сега замолува да му се помогне уште со маса и столчиња, со чинии за јадење, садови за готвење, машина за перење и со купатило . Се расплака кога му кажавме зошто сме дојдени и дека Елеонора доби лаптоп. Клекна на подот и почна низ солзи да објаснува дека живеат во две соби, дека немаат каде да се бањаат, на зима се бањаат во леген, налето со црево, што не е тешко да се осети со сетилата. Тој е слеп, неговите деца се со оштетен вид, а жената и ќерката и со ментални проблеми. Згора на немаштијата пред извесно време и ги ограбиле, а од трите соби кои ги има тетката му бара една како оставшта од семејството. Новко вели дека за патот многу не се жали, добива извесна сума со која тој купува се за фамилијата. Маката е за живеалиште. Комисија заедно со министерката во изминативе години два пати го посетиле, но кога побарал стан бил одбиен со образложение дека ги користи сите социјални бенефиции и дека има куќа. – Ако тоа е куќа јас би сакала да се сменам со министерката, таа да живее таму, а јас со моето семејство во нејзиниот стан, низ солзи порача. Можеби и ќе се смени ситуацијата. Нова година доаѓа а и никогаш не се знае. Можеби ќе се подобри животот и надежта за ова страдалничко семејство. А, она што го видовме на ова патешествие ќе внесе горчлива доза и во овој наш новогодишен дочек, но ќе остане радоста и спомените на радосниот изблик на децата кога го видоа Дедо Мраз кој им дојде неочекувано, и ќе им помогне кон иднината да гледаат со повеќе верба и очекувања дека среќата ќе затропа на нивната врата, не во напуштеното Враготурце, на некоја нова надежна адреса каде ќе ги имаат сите достапни човечки услови, за 21 век.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ