Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави денеска дека најлошото допрва доаѓа во епидемијата на новиот коронавирус.
Гебрејесус издаде ново предупредување во време кога многу земји почнуваат да ги олеснуваат рестриктивните мерки воведени за борба против коронавирусот.
Тој не образложи зошто верува дека епидемијата може да се влоши, во која барем според официјалните бројки, заразени се скоро 2,5 милиони луѓе, а повеќе од 168.000 се мртви.
„Верувајте ни. Најлошото допрва доаѓа. Да ја спречиме оваа трагедија. Многу луѓе сè уште не го разбираат овој вирус“,рече Гебрејесус пред новинарите во Женева.
Тој изјави дека оваа пандемија се случувала за прв пат во сто години и потсетува на таканаречената „шпанска треска“ од 1918 година во која загинаа до 100 милиони луѓе.
„Но, сега ја имаме технологијата, можеме да спречиме катастрофа, можеме да спречиме таков вид криза“, додаде Гебрејесус. А.Р.