Од 80.000 случаи на коронавирус во Кина, повеќе од 70% од луѓето се опоравиле и се испратени дома, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебресејус.
Тој истакна дека е важно да се има предвид дека гледањето само на вкупниот број пријавени случаи и вкупниот број на земји каде што се појавил вирусот не дава целосна слика, додавајќи дека „од сите случаи досега пријавени на глобално ниво, 93% се од само четири земји “.
Се работи за неизедначена епидемија на глобално ниво, рече Гебресејус.
„Загрижувачки е фактот дека толку многу луѓе и земји се погодени толку брзо“, рече тој, додавајќи дека сега кога вирусот се населил во толку многу земји, „заканата од пандемија стана многу реална“.
Од четирите земји со најмногу случаи, Кина ја стави под контролата својата епидемија, а бројот на нови случаи во Република Кореја опаѓа.
“И двете земји покажуваат дека никогаш не е доцна да се повлече плимата на овој вирус. Правилото на игра е: никогаш не се откажувајте. Ние сме охрабрени од фактот дека Италија презема агресивни мерки за борба против епидемијата и се надеваме дека овие мерки ќе се покажат ефикасни во наредните денови. Надежта нека биде противотров на стравот. Солидарноста нека биде противотров на фрлањето вина“, изјави тој.
Првиот човек на СЗО исто така истакна дека ова може да биде прва пандемија во историјата што би можело да се контролира.
„Заклучокот е овој: не сме оставени на милост и немилост на овој вирус. Наша голема предност е тоа што одлуките што ги носиме сите – како влади, бизниси, заедници, семејства и поединци – можат да влијаат на насоката на оваа епидемија. Треба секогаш да имаме на ум дека со решително, рано (навремено) дејствување, можеме да го забавиме вирусот и да спречиме инфекции. Меѓу оние кои се заразени, повеќето ќе закрепнат“, рече тој. А.Р.