понеделник, ноември 18, 2024
домаЖивотЖивотна срединаДивите населби - тивок пекол за екологијата

Дивите населби – тивок пекол за екологијата

Еден од најгорливите социјално-еколошки проблеми кои со децении го мачи Скопје се импровизираните живеалишта во градов – Вардариште, Железничката станица, Керамидница, под Калето и многу други.

Пишува: Борјан Бојчев

Во време на пандемија, граѓаните пожелно е да ги следат препораките на надлежните, но во Скопје постојат загрозени жители кои немаат услови во кои би се заштитиле од било какво нарушување на нивното здравје. Станува збор за луѓето кои живеат во импровизираните населби, кои ни се познати како диви населби. Дивата населба кај Керамидница е една од најголемите диви населби во Скопје. Од горењето гуми и друг отпад за греење во зима, до бизнисот на палење кабли за да се дојде до бакарот, што се продава на црно. Други собираат пластични шишиња и картони кои ги продаваат во откупните центри за отпад. Вака живеат и се справуваат со проблемите луѓето кои живеат во дивата населба во Керамидница.

Дивите населби во Скопје со години претставуваат проблем за еколошката состојба во градот. Секојдневно луѓето се греат палејќи оган од различни материјали, кои предизвикуваат сериозни нарушувања на квалитетот на воздухот и животната средина. Надлежните органи велат дека подолго време работат на оваа проблематика. Граѓаните на Скопје се соочени со фактот дека ова претставува сериозен проблем за животната средина, и се уште очекуваат дека надлежните ќе се справат со големиот спор.

„Граѓаните имаат право на точни информации за активностите кои можат да имаат влијание врз животната средина, но имаат право да учествуваат во одлуките за животната средина. Граѓаните чиишто права од областа на животната средина се нарушени имаат право на судска заштита“, се вели во Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашањата поврзани со животната средина (Архуска конвенција).

Македонското здружение на млади правници (МЗМП), кое активно ги следи сите состојби со животната средина во целата држава и е посветена на правна заштита на животната средина и на човековите права гледани низ призмата на здравата животна средина, како дел од Архус центарот во Македонија, обезбедува правна помош и на тема животна средина.

Тие минатата година поднесоа тужба пред Граѓанскиот суд барајќи одговорност за аерозагадувањето: „Во јули 2019 година, МЗМП поднесе тужба пред Граѓанскиот суд, со која бара судот да утврди дека Владата на Република Северна Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје во периодот од 2007 до 2018 година, не презеле ефикасни мерки за намалување на концентрациите на ПМ 2.5 и ПМ10 честичките во воздухот и како резултат на тоа ги повредиле правото на здравје, правото на здрава животна средина, правото на приватност на личниот и семејниот живот и правото на неповредливоста на домот.“

Со тужбата се бара да се утврди дека тужените ги повредиле правото на здравје, правото на здрава животна средина, правото на приватност на личниот, семејниот живот и правото на неповредливоста на домот затоа што од периодот од 2007 до 2018 година не преземале неопходни мерки и активности во согласност со законските должности за справување со аерозагадувањето и редуцирање на ПМ-10 честичките во амбиентиот воздух. Здружението побара да се утврди и дека од 2013 до 2018 година не се преземени неопходни мерки за да не се надминат граничните вредности на ПМ-2,5 честичките.

Во Март 2020 година Македонското здружение на млади правници заедно со МАНУ (Македонската Академија на науките и уметностите) и Центар за правни истражувања и анализи – ЦПИА организираа Расправа на тема „Правна заштита на природата и животната средина и судска заштита на правото на животна средина“, со цел актуелизирање на прашањето на правната заштита на животната средина, особено фокусирајќи се на судската заштита на ова основно човеково право (можностите за заштита на правото на здрава животна средина пред кривичните, граѓанските и управните судови и дилеми кои се јавуваат во практиката) загарантирано Уставот на Република Северна Македонија и бројни меѓународни акти.

Дивите населби во Скопје во секој случај претставуваат тивок пекол за екологијата на градот. Со намалување на температурите, во градот се зголемува проблемот со загадувањето на воздухот. Тоа претставува уште еден проблем за жителите на дивите населби, кои се сметаат за едни од причинителите за оваа појава.

Жителите на дивите населби се посебно загрозени во време на корона вирусот

Кога беа посетени овие „куќи“ направени од картони и килими, сликата беше вознемирувачка. Со доаѓање на зимата, проблемите на овие луѓе се зголемија. Затоплувањето им е сериозен проблем, па тие наоѓаат различни начини да се греат, со што доаѓа до загадување на воздухот во околината, кој секако беше штетен години наназад поради испуштањето на гасови од фабриките. Ова и уште неколку фактори се главните причини за загадувањето на воздухот во Скопје. Покрај немањето на услови за греење, овие граѓани и самите живеат во доста загадена околина.

Сличен ваков проблем имаа и граѓани кои беа населени под Железничката станица, но Град Скопје, заедно со Министерството за внатрешни работи и Центарот за социјални работи, на тие граѓани им понудија сместување за време на зимскиот период. Но, се уште останува проблемот со дивата населба во Ќерамидница, како и многу други вакви населби надвор од центарот на градот за кои се уште нема решение.

„На граѓаните им беа изречени опомени и им беше кажано да се обратат во Центрите за социјална помош, да побараат помош и згрижување. Ќе оставиме одреден период луѓето да најдат место за сместување, но доколку не го сторат тоа, ние ќе мора да ги отстраниме. На овие локации граѓаните пријавуваат дека се пали отпад, гуми и кабли. Градот Скопје има обврска да се грижи за чистотата во градот, а особено да превенира и да се справува со причинителите на загадувањето на воздухот. Градот Скопје има намера да го решава ова прашање кое години наназад се провлекува“, се вели во официјалното соопштение.

Во разговор со жителите на дивата населба на кејот на Вардар, тие бараа помош од градоначалникот на градот, конечно да најде решение бидејќи се чувствуваат загрозено во време на корона вирусот. Преостанува на надлежните да се справат со овој проблем по претходниот пример со луѓето под железничката станица.

Аерозагадувањето во Скопје еден од горливите предизвици во зачувување на животната срединаСпоред последните бројки Скопје е еден од најзагадените градови не само во регионот, туку и во целиот свет, заедно со неколку градови од Азија. За жал, се уште нема соодветен план за тоа како ќе се расчисти овој долгогодишен проблем со кој се соочува градот.

Во врска со загадувањето, министерот за екологија Насер Нуредни во неговото соопштение пред медиумите во однос со аерозагадувањето изјави дека „Општините и локалната власт треба да имаат план за менаџирање каде, ако се надминат границите на загадување, тие ќе бидат обврзани да преземаат прецизни мерки, на пример, да го сменат сообраќајот, работното време, распоредот на индустријата, промена на начинот на греење. Ако локалната власт не ги преземе овие активности, ќе има Владата право да интервенира и да предложи да ги повлече одлуките“.

Скопје конктинуирано на врвот на листата градови со енормо загадување на воздухот

Од Град Скопје јавно ги повикуваат жителите на главниот град да се вклучат активно во борбата против загадувањето на воздухот и животната средина. Тие ветија дека во наредниот период комуналните редари од Град Скопје и екипи на МВР ќе вршат чести контроли на оваа јавна површина за да не се дозволи повторно формирање на ваква импровизирана населба под Железничката станица.

Дивите населби секако не претставуваат ниту најголем, ниту единствен причинитител за загадувањето на воздухот, но со сигурност треба да се земат во предвид.

**********

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Архус за новинари“спроведуван од Здружение на Новинари за човекови права, (НЧП) Скопје, во подгрантовата шема на проектот „Градење на капацитетите на граѓанските организации за животна средина за зголемување на демократските процеси во Македонија“, спроведуван од Здружение за одржлив развој – Милиеуконтакт Македонија и Здружение на инженери за животна средина – Развојна Програма, Реф.бр: Europe Aid/155322/DD/ACT/MK.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ