среда, јули 24, 2024
домаЕднаш дневно: "ДАВЕНИК"

Еднаш дневно: “ДАВЕНИК”

Со големо нетрпение го очекувам големото “извини” , големото “и се извинувам на нацијата, им се им се извинувам на Скопјани” од скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кога и да е, а нешто пред тоа да го слушнам, со уште поголем гнев и бес очекувам одговор на моето неодамнешно прашање зошто во време на пандемија фрлил “гума за спасување” од еден милион денари за луксуз на некој кој се чувствувал за давеник? Најмногу од се, за нешто што немало ама баш никаква потреба во вакво време на “ќе преживееме ли или не”, што е и еден вид злосторство да се фрлаат непотребно пари и ресурси, кога државата чинам нема со што да купи лек, вакцини, и позајмува пари, кредити, прима количински дури и смешни подароци донации, само колку да се почне од некаде со вакцинацијата.
Јас тоа го слушнав од телевизија, ќе се зашеметев, кога приватен организатор на концерти самиот призна дека пропаднал и дека, за мене скроз нелогично и несфатливо, Петре Шилегов (со име и презиме) му пуштил “гума за спасување”. Неверојатно, но вистинито!
Да знаев, во тој момент ќе му пуштев на Петре едно врапче да му шепне на уво, да го потсети дека – не е време за гуми за нечиј луксуз, време е за преживување. Борба за живот на старо и младо. Шекспировското “да се биде или не”. Децата се дома заклучени, старите во страв и паники се радуваат на секој нов ден, ние средната генерација ќе ни отпадне главата од размислување како да ја истераме работата, а ти така ладнокрвно си пуштил ЕДЕН МИЛИОН градски пари за нешто што, близу до умот, не е ни твоја специјалност за да оцениш дека тие пари треба да одат таму. Па, како оцени? По сопствен ќејф? Па тогаш си можел од сопствен џеб. За тоа немаше да ти се налутиме. Само ќе те озборувавме како “несовесен граѓанин” а не градоначалник.
Јас на пример, можеби донекаде и сфаќам. Си одлучил да не се кандидираш повторно, си оценил дека тоа би било нон сенс, си опипал и пулс на скопјани и пулсот ти покажува дека “нема да сакаш да се кандидираш”, но зошто си решил да се фаќаш за “давеник”?
Приватните компании кои имаат и проблем со финансии во ситуацијава, си побараа помош од државата. Оние кои даваат производство. Кои се успешни. Кои имаат куп работници на кои им зависи лебот во овие судни моменти. Кои плаќаат регуларно даноци и придонеси. Кои работат под иста фирма.
Не ги земам во предвид оние приватниците кои вршат некоја дејност, должат кому стигнат и одбегнуваат да си плаќаат даноци и придонеси. Па згаснуваат фирми, отворат нови, па пак згаснуваат, па пак нови, додека нивните валкани пари лежат на сметки во странство. Тие се лузери за Гинис. Или по ново “давеници” за ви Гинис. Зошто ако добро си ја вршиш една работа, си ја осмислуваш, одиш на пазарот, заработуваш, си плаќаш на државата регуларно и прописно и ти останува, тоа значи те бидува за таа работа. Ако си затворал една фирма па отворал друга за пак да се занимаваш со истата дејност, ти си губитник, лузер, кој не си ја познава работата и не треба да ја работи веќе таа работа, а богами си и измамник кој кон државата не си ја исполнил својата должност.
Еве им страшно добра тема на истражувачките новинари да го истражат и тоа, нека се нафтат, а јас им ветувам дека ќе им овозможам директна конекција за одличен гранд од ЕУ, како единствен новинар кој беше дел од основањето на новото европско здружение на новинари, во Берлин во 2019 година. Зошто нив посебно ги интересираат тие игри, а и за нас е неопходно да се испита и истражи, кога веќе сакаме да го придружиме големото друштво. А и да си ги расчистиме домашните работи.
Ама, се уште сме кај Петре, нашиот потенцијален бивш градоначалник, би рекла. Ова можеби е моја перцепција, дека тој нема да се кандидира ако тргне од својот досегашен резултат, па затоа е вака нон шалантен со финансиите и незаинтересиран за мислењето наше, на граѓаните, но тоа е негова одлука за кандидирањето во која не се мешам, тој е уште тука и треба да ми одговори на повтореното прашање.
Во меѓувреме еснафот на организирање концерти, ИВАП, во понеделник ќе организира протест. Ќе ги прашаат ли своите “колеги” каде е тука колегијалноста? Заремтие не треба да преживеат, и зарем во вакво “време- невреме” треба да има некој привилегиран? Освен ако тој некој плаќал двојно повеќе данок од нив, двојно повеќе и се оддолжувал на државата и не играл финти на отвори затвори фирми, неплати секаде кај што можеш да неплатиш, а од кај можеш земи ги парите и бегај!
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ