вторник, октомври 22, 2024
домаЕднаш дневно: МАГИ

Еднаш дневно: МАГИ

Деновиве на 7500 км оддалеченост, во Њујорк, ни одлета едно наше златно славејче. Прекрасната Магдалена Алексовска Маги. Пејачка, кантавторка, флејтистка со завршено средно музичко училиште, голема надеж, која се остварува.
А, Маги ја знаете. Во мјузикл „Ени“, ја играше  улогата на госпоѓица Хениген, воспитувачка во сиропиталиште во Њујорк од 1955 година, алкохоличар и лажга, која мрази малечки девојчиња, а секој момент го поминува со нив.
Ова позитивно девојче во мјузикл глумеше негатива и целосно се забавуваше, зошто најголемиот хумор во тој мјузикл лежеше баш во тој лик, од вриштење до паѓање на сцена.
А пред тој мјузикл за Маги се слушна и подалеку.
Имено, таа во дует и со своја авторска песна “Плетенка” ја претставуваше Македонија на “Детската Евровизија 2015”  во Софија. А потоа и на “Американ Протеже” во Њујорк ја доби шансата да ја запее на најголемата сцена во Карнеги хол, во Исак Стерн Аудиториум, а замислете има само 18 години.
А, пак, уште пред тоа и на “Златно славејче” кај нас, на интернационалниот детски фестивал „Славјански Базар“ 2013 во Белорусија, на натпреварот „Езерски Бисери“ во Струга, и тоа неколку пати. На „Ѕвездички“ во Прилеп каде што во 2016 година освои Гран при и учество на интернационалниот фестивал “Riga symphony” во Рига, Летонија каде освои Прво и Трето место. А во Варна, Бугарија на натпреварот „Art Stars“ освои Прво место.
И да не набројуваме, сигурно нешто ќе пропуштиме. Но, нема да пропуштиме дека кај нас медиумите не и дадоа многу шанса и простор, речиси минимално, а некои и ич, а замислете на оваа голема надеж на една аудиција за мјузикл (да го наречеме приватен проект)  жирито и импровизирани оценувачи не само што ја одбиле, ами и рекле не треба да пее на сцена, најдобро ќе е да се држи до инструментот. Ете, ќе остане уште еден добар виц.
Среќа што Маги многу добро си ја познавала својата желба и талентот, па младото и обесправено девојче тивко и нечујно си заминала од каде што не и било местото. Затоа пак силно грмна во Њујорк каде сега почнува со студии во престижниот Вагнер колеџ.
Нешто слично како и со генијалниот млад математичар од Штип. Тоа се тие таленти од типот “Ќе ме барате вие мене, не јас вас” кои одат напред.
Сакам да апострофирам, никој нема право на недоличен начин да оценува нечиј талент и нечие туѓо дете, во коe родителите вложуваат се што имаат. Да му пристапува на непедагошки начин, или на профитерски. Никој нема право така безобзирно да посегне да откине цвет (читај талент).
Само толку ќе кажам во врска со тоа, неизбежно беше да се спомене овој (срам) начин на комуникација со деца, кој го дозволува нашето општество, а малата Маги влегува во бајка, во која ова што и се случило ќе го заборави со првиот шум на ветерот, кој ќе ја носи тивко и незабележливо на сцена на која таа сонува. Желба и е да запее на Бродвеј, желба и е да запее и со Барбaра Стрејсенд… Кажавме доволно.
Среќно Маги!
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ