вторник, јули 16, 2024
домаЕДНАШ ДНЕВНО: Нашите заеднички поуки... 

ЕДНАШ ДНЕВНО: Нашите заеднички поуки… 

Валентина Ѓоргиевска Парго, специјален известувач за text.mk од Евровизија 2022, Торино, мај 2022
Кога станува збор за генерациите кои се преплетуваат, помлада и повозрасната, секогаш имајте на ум дека во секој случај помладата на крај ќе испадне во право, младите треба да се следат. Па и кога ни се несфатливи.
Во контекст на двете струи од нашето тридневно бунтување против гестот на нашата евровизиска претставничка Андреа Коевска (која на свечениот син тепих го фрли знамето, за да се слика со знакот на рокерите и панкерите) , ќе забележиме дека повозрасните сѐ уште се вжештени и со главоболка поради сериозноста на престапот (според законот и еден вид кривично дело), а помладите веќе се олабавени, искулирани, левтерни и се смеат. Младите брзо закрепнуваат од сѐ, си ја враќаат силата и продолжуваат понатаму. Повозрасните?… Им треба малку време. Да ги залечи нивните рани…
Речиси никој не ја оправдува и нема ни да ја оправда таа случка, беше наежувачки. Сега со таа разлика што младите веќе велат, “најважно е да здрви на сцена, навиваме”.
Малку во пародија премина и толкувањето на музичкиот знак, кој со децении е заштитен знак на сите посетители на рок, блуз, панк концерти, и сите ние сме го направиле, со два кренати прсти, показалец и мал прст, а двата средни стегнати навнатре со показалецот. Еве вака:🤘На фејсбук деновиве се појавија куп суеверни толкувања дека тоа бил знакот на ѓаволот, и дека младата пејачка во негова чест така ги скрстила прстите, а притоа и самите заборавиле дека биле млади дека и тие го правеле или  сѐ уште го прават тој знак. Ако не тие, сигурно нивните потомци. Па и неретко во тој бунтовен (панк) период носат маички со мртовечки глави, костури, разни мрачни или даркерски елементи, и сето тоа е интересно и прифатливо  до одредена граница, додека се прифаќа само како музичко произнесување.
Кај нас публиката не е навикната на многу промени, класична поп песна и класичен поп настап е по нејзина мерка. Не ваква, “модерна”. Некој жанр меѓу поп, електро поп и јуроденс.
Андреа е сосема нов лик. Со можеби неколку песни зад себе, кои не доживеале голема популарност кај пошироката публика. И оваа песна, евровизиската, некој ја знае а некој и не. Таа нема никакво искуство со вистинска сцена. Клупските свирки што ги одржувала, тоа е мала доза. Сега е на големо поле. Каде мора да се справува со разни притисоци од сите страни, за неа дотогаш непознати. Фанови, новинари, обврски, протокол, коментари. Колку и да изгледа дека Евровизија е уживање, кој бил службено барем еднаш знае какво “излегување на душа” е тоа. Се подготвуваш со месеци, тука не спиеш со денови, мораш да ја исполниш целата зацртана програма, да бидеш турбо две недели и на крај треба да си со свеж мозок, свеж изглед и свежа енергија на сцена. Преголем залак е тоа за сосема неискусна пејачка, притоа без свој професионален менаџмент зад себе, со асистенција на “најдобрите другарки”.
Ако цената на тоа свое неискуство го плати со огромен број на најнегативни најневкусни коментари, време е тие да останат само на фејсбук, а во реалност да се вратиме на најглавната работа за која сме тука, поточно за која таа е тука.  Најдобар настап што може, најдобро музичко претставување, влез во финале и најдобар пласман. Европа, па и пошироко, тоа ќе го видат утревечер, 12 мај. Кога ќе треба да ја оценат и да и го дадат (или не) својот глас.
Поуките кои ги извлековме од фрлањето на знаменцето, дека тоа не смее ни во кошмар, дека заклучивме истото знаме не се почитува ниво институции а ни при многу официјални посети, и дека треба да го уважуваме што повеќе, треба да ни бидат патоказ за во иднина. Дури и во случај да едно знаме згаснува, или се заменува со друго, секогаш треба да биде почитувано, во име на тие кои се родиле и растеле под него.
Повозрасната генерација негуваше таков култ кон југословенската тробојка, затоа што под неа беше родена и даваше чесен пионерски збор, некоја друга генерација е родена и расте под сегашното, и во име на нив, треба гордо да го истакнеме, развееме и под него, се надеваме на сјајот на неговите сончеви зраци, кои се негово главно обележје и асоцијација…
ПАРГО
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ