вторник, јули 16, 2024
домаЕднаш дневно: "ПИПЕР" КУЛТУРА

Еднаш дневно: “ПИПЕР” КУЛТУРА

Информацијата дека 11 милиони евра се доделиле за сферата на културата на годишно ниво, некои ја протолкуваа како малку пари, некои како вознемирувачка со оглед на начинот како и кому се распределени, јас ја протолкував како непостоечка.
Непостоечка и како поим, и како содржина, а постоечки се единствено 11 милиони народни пари од кои мене ми се чини на крај ништо “нема да се види”. Единствено убаво е што ќе се даде(ло) за реновирање на некои стари културно историски објекти, Ве молам, барем тоа да се изведе како што треба, да не се промаши.
Добро, во вакви услови можно ли е да се создава култура? Во пандемии, неизвесности, полициски час. За да се создава култура е потребно слобода, пред се и над се, комплетна слобода на уметниците и на консументите на нивната уметност.
Да би одлучувала јас, заради безбедност на граѓаните би ги оставила да работат само најнеопходните, театрите и музичките институции, со онлајн приредби или со 30% публика и изложбите да бидат виртуелни, а уметниците би ги плаќала со една прифатлива сума, колку да можат да преживеат во ова невреме, а се она другото би го одложила за некое подобро време. Прво, да преживееме сите, тоа е најважно.
И, пандемијата ќе ја преживееме, ама глупоста чинам ќе остане да се памети вечно. И ќе има и последици и вечни траги по однос на културата. Се надевам барем нема да дојде до рушење на нејзини столбови. Нема да направат да дојде до тоа. Ама, па кој да знае?
Најпрво, култура не е создадена за секое наше годишно распределување да биде скандал. Скандал над скандалите. Тоа не е култура.
Таа традиција наша продолжи и годинава. Не треба да ги прегледате листите и сумите а ниту образложенијата на жирито, за да сфатите дека тоа нема “блага врска”. Ако добро разбрав, навистина се трудам да го одбегнам овој момент, не сакам да ми влегува во глава, комисијата за доделување цели 11 милиони евра во сите сфери на културата, е тричлена, само три члена – Тв водителка и две други имиња. Зар оставено е само тројца луѓе да одлучуваат за секој сегмент од културата, која е обемна, што е невозможно да знаат, да следат, да анализираат и на крај да не испадне дека доделиле суми пари, произволно.
Паметам и водителка, пред некоја година кога остана без ангажман јавно како да се жалеше дека била “партиски неподобни”, а сега според ова излегува дека дошло време кога е партиски подобна? Партиски? А, зборуваме за култура.
Понатаму, годинава наводно се одело на варијанта да се даде повеќе шанса на младите, па тогаш логично е, зошто не се дало шанса на младите и во комисијата, за младите да не мора да чекаат некои да одат во пензија за да ги земат нивните жири-места?
Следната нелогичност е што се давале пари во проекти кои некои ги сметаат рамно на “непостоечки”, со оглед на тоа дека наидуваат на мала публика, а од друга страна се скратиле за некои манифестации по кои на културно поле и не распознава во светотот. Мислам на Скопскиот џез фестивал.
Каков апсурд. Замислете со вакво образложение и Италијаните да го скратат и укинат своето Сан Ремо по кое ги препознаваат во светот, и за сметка на тоа да формираат некој минорен фестивал некаде низ Италија …
Значи се на се, се плашам само да не биде од една блага временска дистанца, од само една година, да излезе дека ништо нема да се памети и остане како култура од 11 милиони евра, а само се уништило нешто вредно и сме останале без нашуот макотрпно изграден фестивал на светско ниво, Скопскиот џез фестивал. На кој и на младите би им било престиж да се надат и ја остварат своја шанса. Во само две прочитани реченици од годишната распределба ми светнаа куп прашања, замисли да се информирам за сите детали. Нема да можам долго да ја исчистам својата глава, од (не)култура.
Културата во една земја е стратегија. Национална стратегија, темелна и долгорочна. За неа треба концепт. Донесен и во секој миг воден од експерти и стручњаци кои многу добро, континуирано и без грешка си ја познаваат својата работа или фела. А, не збунето и нелогично составено ад хок тело и екипа. Никогаш културата не треба да биде од “стручњаци и стручњачки” кои во принцип се само “во секоја манџа пипер”, се разбира се “пипер” секаде само за добар хонорар.
Времињата се сами по себе матни како “какао”, оттука и пиперот е сосема непотребен. А, културата ни е насушна, и потребна, како “леб и сол”.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ