вторник, јули 16, 2024
домаЕднаш дневно: ПРАВАТА НА ЕДНА ЖЕНА 

Еднаш дневно: ПРАВАТА НА ЕДНА ЖЕНА 

Првата на жените не постојат, како општа категорија. Зошто, ако постои ајде дајте ми дефиниција во три збора кои се правата на жените? Знам не можете, затоа што не може.
Затоа што, сите жени не се борат за исти права. Просто и јасно. Затоа што ни оддалеку не се исти правата на жената во село која станува во 5 во зори оди на нива, копа, се мачи, го собира плодот и се бори да не и пропадне, да земе некој денар за да преживее.
И правата на жена од град, која станува во 9 часот претпладне, се освежува со свежо цеден сок, прави масажа на лице, маникир, педикир, јога и претпладне оди на работа,во канцеларија, притоа залагајќи се за дојде до подобра позиција за да може да купи поекстравагатнта ташна и да живее полуксузен живот.
И како сега може да се стават во ист кош овие права кога се дијаметрално спротивни?
Како може жена која има идеја сама да расте деца, да биде независна и да нема брак, да почне да ги брани правата на една жена која се би сторила да се омажи, нејзините деца да растат покрај татко, да се откаже од својата кариера и да живее така среќно, по цена на својата изгубена независност? (и обратно).
И како сега може да се стават во ист кош овие права кога се дијаметрално спротивни?
Правата на жена која сака да води интимен живот со друга жена, не се еднакви со правата на жена која сака интимен живот со маж.
Правата на жена која се залага за џетсетерски живот, не се идентични со правата на жена која сака да живее скромно.
И како сега може да се стават во ист кош овие права кога се дијаметрално спротивни?
Правата на жена која сака да се замонаши, не се исти со правата на жена која сака да остварува деловна кариера.
Правата на жена која сака да носи џихаб, не се како правата на жена која сака да носи бикини.
Правата на невработена жена и без финансии, не се исти со правата на вработена жена која сака да напредува. Не се исти дури ни со невработена жена која има финансии.
Правата на жена која нема вода или машина за перење, не можат да бидат исти со правата на жена која избира на кое море ќе оди на летување.
Правата на едуцирана жена не се исти со оние на жена која е необразована.
Правата на жена која сака да настапува како агресивна феминистка не се исти со некоја жена која се остварува на дипломатски начин. Не се исти ни со тивка мирна феминистка.
Затоа ве молам за правата на жените зборувајте само и само од позиција на остварување на своите права, за да се има јасен увид на која жена што и треба. Почитувајте ги другите женски права, без да ја превземате обврската дека вие сте тие што ќе и кажете на одредена жена како (треба) да живее. Бранете ги правата кои се согласно на вашиот стил на живот, само така сте вистински борец за своите права и на својата женска кауза.
Единствено едногласни се правата на жените во борбата да нема насилство врз жена. Секако, и тука со огромна разлика меѓу жена која се растревожила што маж и се доближал до нејзината “аура”, или добила непристојна порака во инбокс, и жена која секојдневно е физички напаѓана, тепана, силувана од мажот.
Се на се, борете се за сопствените права и правете го тоа автентично, а никогаш не борете се лажно за правата на другите жени во чии чевли не сте чекореле, макар дури и за пари ако ви се укаже можност. Не само што е лажно, туку е привремено, краткотрајно и без ефект и затоа што платен борец не само што војува лажно, туку се испречува на патот и поставува рампа за жените сами да се изборат со свој континуиран отпор и борба, за она што нив ги засега лично.
Сепак, имајте на ум, не се тоа ваши права, тоа се права кои припаѓаат на некои други жени! Вистински борете се само за сопствените права.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ