четврток, април 25, 2024
домаЕДНАШ НЕДЕЛНО: Криминалот на естрада мора да се гони!

ЕДНАШ НЕДЕЛНО: Криминалот на естрада мора да се гони!

Никогаш нема да го заборавам долгиот телефонски разговор што го водев една недела, навечер, со легендата Јонче Христовски, а и нема да си простам што не ја реализирав неговата покана да го посетам во домот и да се сретнеме да разговараме во живо, затоа што веќе беше болен и набргу потоа замина во вечноста. Разговаравме за многу нешта, со тогаш осамениот самец кој живееше сам во станот, разговаравме и за недобиената заслужена чест и за финансиската состојба во која беше западнат со болест и пристојна плата. И ден денес се ежам кога ќе се сетам, а мора да признам неговата отвореност кон мене како новинар ги збуни и уредничките во Редакција на тогашна “Нова Македонија” . Но, веројатно нешто му тежеше на срце, сакаше пред вклучен диктафон да каже многу работи.

Диктафонот во неговиот дом го вклучив пред легендата Александар Сариевски, маестро Љубомир Бранџолица, муабетев и со Ѓоко Георгиев и неколку други легенди, кои зборуваа за музика а за финансиски примања не, додека сама можев да заклучам од нивните скромни домови каков скромен живот живеат.

За разлика од тогаш, денес јас сама го исклучив диктафонот, доброволно. Нека фаќа пајажина, кога не ми дава душата да регистрирам мислење или став од голем дел од оние кои на естрадата. Не верувам на нивните зборови, не верувам во нивните постапки.

Клиентелизам, профитерство, криминал. Местенки, шеми, мрежи, сето тоа е дел од денешната естрада, и тоа К-П-К и М-Ш-М време е да заврши со истрага. Во интерес на вистината и во интерес на општествената одговорност.

Деновиве, читајќи го фејсбук излагањето на легендата Ефто Пупиноски, во која објаснува како стојат работите со ЗАМП, се обзнанија оние информации кои ги добивав со години и за кои бегло пишував затоа што доказ немав, а никој од авторите не сакаше јавно да зборува тоа. Јас, ни денес не би зборувала во име на авторите, немам легитимитет да зборувам неповикана во ничие име, но ќе зборувам од мој агол како граѓанка, новинарка, фан, а во некои наврати и авторка на некои текстови за поп и народни песни.

Ќе зборувам од улога на самоизмамена личност, која со многу љубов тргнала (сосема неисплатливо и со загуба) да работи за интересите на сцената и на естрадата, надевајќи се на многу музика и позитивни нешта, а која одејќи по тој пат, неизбежно, несакајќи завршила кај поимот “нечиј криминал”, криминалот што го направиле одредени чинители на таа јавна сцена.

Треба да се знае: Никој нема право естрадата во една држава да ја направи – криминална! Ниту измамничка.Јас досега немам прочитано, ниту добиено информација во било која европски земја, државата да е измамена, насамарена и изиграна на ваков начин, каков што прочитавме кај Ефто. Измамена од страна на авторите. Дури ни во лулката на поп музиката Англија, ни една Италија, од каде се случуваат светски хитови, немам прочитано автор, композитор, текстописец да е сомнително исплатен ниту дека од државата добил баснословни суми. Од пазарот да, и тука нема ништо спорно.

Кај нас според документите (кои инспектори треба добро да ги прочешлаат, барем по допрен глас) исплаќани се огромни суми за песни како за мегахитови, а кои не ги знаеме, не сме ги чуле, а дури и ги нема ни на јутјуб или ги има со по некоја мала прегледност од 10.000 прегледи.

Би се посомневале дека станува збор за “профитерско здружување” и нелојална конкуренција, кое на пример тргнало и завршило вака – соодветен автор направил песна, одреден пејач/пејачка ја испеал и снимил, и преку свои канали песната ја форсирале и емитувале на одредена радио или Тв станица, која со тој документ во ЗАМП им овозможил на сметка на авторот да добие огромни суми за тантиеми. За пејачот ни денар, зошто кај нас нема изведувачки права и пејачите се доведени во ситуација сами да си бараат тезги и не ретко, пејач со мегахит, и емитување на радио и тв станиците, кој на авторот му донел баснословни суми, да остане и без основни средства за живот, и без сендвич и со исклучена струја дома.

Мора да се истражи ретроградно секој земен денар. Патот на парите како се движел, од каде тргнал и кад завршиле и зошто. Од најмала сомнителна сума, со најголема. Мора да се види дали тие автори плаќале данок кон државата за своите дела, откако ги продале на некој изведувач. Мора да се види како и зошто само одредени песни завршувале на одредени радио и тв станици, дури и на најмали локални, зошто ниту еден медиум не е лишен и ослободен од општествена одговорност. Особено на Националната радио и телевизија. И мора да се утврди кои се тие музички уредници, како се поставувани и кој ги поставувал и зошто. И како работеле низ годиниве. И мрежата лесно ќе биде расплетена.

Зашто веќе, кога во една држава пред силата на законите одговарале и одговараат премиери, министри, па дури и добиваат и затворски казни доколку негде се  огрешиле пред законот и професионалната етика, зошто авторите да не ги фаќа закон? Тие не се недопирливи. Тие се исти граѓани како и сите нас. Но, во тој случај за нас сатисфакција  ќе биде голема, затоа што сме спречиле понатамошен распад на естрадата и нејзините вредности, и не сме дозволиле никој да ни ја урнисува и уништува поп и сценската култура. А таа е голема вредност во едно општество, голем белег и национална препознатливост, и треба да блеска.  А криминалот на естрадата, мора да се гони!

Парго
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ