вторник, јули 16, 2024
домаЕднаш неделно: ОБЉУБА

Еднаш неделно: ОБЉУБА

Информацијата дека во Белград е приведен познат актер, режисер и пред се професор по глума откако е обвинет од свои ученички – актерки дека во повеќе наврати ги силувал, не верувам дека некого остави рамнодушен. Распарува под кожа. За жал најмногу жените што имале такво грозоморно искуство. А ништо помалку и секој родител или роднина на мали девојчиња над чие растење го посветуваат секој свој атом, момент, љубов, грижа, финансии. Стравувајќи што се може да се случи, и насочен кон тоа максимално да го заштити превентивно своето дете, секој се грижи да делува во тој правец.
Самата по себе е грозно и нема потреба да се дообјаснува чувството кое го создава оваа информација. Актерката која обвинува (многу години по слученото) и неколкуте други, тврдат дека силувањето врз нив се повторувало, не било само еднаш.
Она најважно што во овој случај останува како должност на државата е, безбедносните служби според свои професионални методи да приберат докази, да ја утврдат вистинитоста на доказите и да го осудат професорот според словото на законикот.
Обичните граѓани, колку и да сме згрозени и да имаме свој коментар, со нашиот суд не придонесуваме ништо.
Во последно време со развојот на социјалните мрежи, прочитавме бројни вакви случки. Ги охрабри слободата која тие ни ја даваат, па си кажаа. Да не им лежи на душа. Кажаа само оние кои се охрабрија, зошто не сите се подготвени да го изнесат на виделина најцрниот момент од душата, за понатаму да се доведат во ситуација и средината да ги обвини, засрами, понижи, избегне…
Јас, како новинар, за жал имав прилика и лично да сослушам такви исповеди од настрадани девојки /жени и она што ми предизвикувало внатрешен конфликт е самиот текст каква порака ќе пренесе понатаму, и дали можеби ќе иницира некое друго злодело, и токму затоа некои од тие исповеди се уште не ги имам извадено од себе (објавено), и дваесет, и пет – шест години по нивното дознавање.
Да се случи обљуба еднаш е прашање на време и место каде силувачот го извршил делото, но ако на истото место се случувало повеќе пати, се отвораат низа прашања. Особено ако тоа носи предзнак “педо(филија) “, обљуба врз дете. Дали тоа било онаа патологија жртвата да се заљуби во мачителот, нешто налик на стокхолмски синдром, зошто возрасна (и се уште неполнолетна) девојка од 17 години која била силувана од професорот одела и понатаму на неговите часови и предавања, и долго тоа го криела од светот?
Претпоставки има милион, на пример, не препознала на време дека тоа е всушност силување, се заљубила во мачителот, била зависничка и и требале пари, сакала да гради кариера по секоја цена, ја уценувал на некој можен начин, или да речеме (иако не сакам ни да помислам) сега има намера да го оцрни или да земе пари да каже. Се се тоа мои претпоставки, кои ништо не значат.
Обврската да го расветлат случајот пропаѓа исклучиво на строго профилирани организации на институции и безбедносни служби.
 Ова е едно од најголемите злодела против човештвото, силување на девојка, малолетна, тинејџерка или возрасна. За да се спречи треба да се превенира, со соодветна порака.
На пример јас како апел до девојките кои еднаш претрпеле нешто вакво, за да не се повторува, ја споделувам пораката што утрово ја добив во мојот инбокс :
“Како жртва на сексуална злоупотреба во детството, сакам да ти кажам дека има основа прашањето -” зошто оделе пак кога ги силувал”, бидејќи мене тоа еднаш ми се случи и потоа веќе никогаш не отидов во куќата на настанот а од ,,човекот“ штом ќе го видев некаде, бегав на километри. Немав сила и храброст да кажам никому, тоа беше за мене голем срам и огромна траума од која се уште душата ми трепери кога ќе се потсетам. И сега додека ти го пишувам ова, целата сум растреперена и солзите не можам да ги сопрам. Не зборам за ова тешко парче од мојот живот. Сосем е легитимно прашањето (зошто жртвите оделе упорно на часови кај професорот) тоа не значи оправдување на злоупотребата, туку бара стручна експликација. Можда им се заканувал, ги уценувал или слично. Мене за среќа тоа ми се немаше случено…”
Во врска со оваа информација прочитав и еден конкретен и издржан предлог оригинално, од извесен Авди А. а тој гласи “Во Социјализмот во мое време ,имаше инспекциски служби во који упаѓаа изненадо по школите, учителите се тргаа на страна , а инспекторите ги испитува дацата по сите области, па и за злоупотребите од страна на учителите, мислам ова и му фали на Образованието” .
Празните муабети, навредувачки коментари, обвинувања, претпоставки, не водат кон ништо. Ваквите прашања и случаи се толку специфични и суптилни што треба да бидат предадени во рацете исклучиво на професионалци на кои тоа им е професија, безбедњаци, психијатри и луѓе чија стручна подготвеност и  одговорност би можела да придонесе, да ги спречи и превенира вакви грозоморни појави и случувања.
ПАРГО
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ