петок, декември 27, 2024
домаЖивотСценаЕКСКЛУЗИВНО СО ТЕНОРОТ НИКО ЃОРГИЕВСКИ: Мојот концерт во пештерата Врело го нарекоа...

ЕКСКЛУЗИВНО СО ТЕНОРОТ НИКО ЃОРГИЕВСКИ: Мојот концерт во пештерата Врело го нарекоа вознесувачка магија и авантура!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Еден необичен и восхитувачки концерт се случи на 8 октомври на мошне невообичаено место, пештерата Врело на Матка, каде педесеттината гости пристигнаа со кајчиња. Името на изведувачот, музичкиот уметник Нико Ѓоргиевски, досега е познато на пошироката јавност како изведувач од музички шоу, а сега веќе добива нов предзнак, нова димензија.

На почеток да ни раскажете во кратки црти, што се случуваше во Врело, како изгледаше самиот концерт?      

-На почеток, би рекол дека за жал, поголемиот дел од македонската јавност не ме знае како Хуан Перон и Че Гевара во “Евита”, како Фантомот во “Фантомот од Операта”, Мотел Камзоил и Рускиот војник во “Свирач на Покрив”, или Врабецот од пристаништето во “Марија од Буенос Аирес”. Или бројните концерти со Битолскиот Камерен оркестар како и самостојните рецитали. Идејата беше еден обид да се претставам пошироко од публиката во театрите, а од тука, со надеж да повлечам нов бран на вљубеници во театарот и музичко- сценските дела. Околу концертот би кажал, самата пештера е крајно инспиративно место. Мислам дека подалеку од тоа не се стигнува кога се работи за ремек дело на божјата рака што може да биде облагородено и на овој начин. Пештерата е првото прибежиште на човекот од надворешните влијанија и опасности. Неговиот прв дом. Примордијален. Иако беше свежо, во ист момент беше и најтопло место да се биде. Во пештерата за прв пат човекот посакал да се изрази и да остави белег, осознавајќи за сопствената смртност . Познатите раце на ѕидот со пигменти од растенија кои датираат од предисториско време. Може да се рече дека тоа е првата уметност. Чиста, силна… До ден денес комуницираат со нас тие луѓе преку нивните отпечатоци. Еве сме, постоевме. Знајте за нас.

Како дојдовте на оваа необична идеја? Каков вид на организација бараше таа? 

Организацијата беше меко речено избезумувачка и исцрпувачка. На почеток сме, уште се покажуваме и докажуваме колку сме способни, па и не можевме да очекуваме на премногу помош од сите страни. Огромна благодарност до Тиквеш винаријата што ја препозна вредноста и потенцијалот на тоа што требаше да се случи, како и прифаќањето на проектот од Министерството за култура. Беше тешко да се донесат сите инструменти, и струја внатре во пештерата, имавме потешкотии – инструментите се раштимуваа поради влага, имавме опасност од вода што капи од сводот да се уништат инструменти што вредат многу. Но, истрајно, тимот е силен и имавме прекрасна комуникација, доверба и разбирање. Има полно што да се раскажува за недостатоците, но магијата на целата авантура беше вознесувачка. Јас лично открив нови нивоа на личност, трпение, сила, храброст, истрајност, што не мислев дека ги поседувам….барем не до овие крајности.

Да позборуваме за коментарите по концертот,од страна на одбраната, публика, но и од јавноста? Оние на привилегираните кои беа таму, меѓу кои и јас, велиме  дека концертот ги пробуди/л и вознесол нивните најубави сетила.

-Ми се јавија во 9 часот утрото наредниот ден. Бев уште сонлив. Мојата пријателка возбудена ми рече: Нико, извини што те будам, знам колку си уморен, ама ова мораш да го знаеш! На видеото постирано од телефонот на мажот ми до сега (9 наутро) има 2000 гледаност на Facebook! Коментарите го пробија плафонот. Наредните три дена Facebook гореше од позитивни коментари, добивав повици од луѓе што беа а и што не беа, а разбрале за концертот. Немавме поим до каде ќе одекне, и колкаво тектонско поместување на плочите на културниот живот во Македонија ќе предизвика ова. Скопје дозна за нас, а и гостите од Битола раскажуваат натаму. Луѓето беа изземени од времепросторот и круговите на секојдневието… Најсреќен ме прави што направивме толку луѓе наеднаш толку радосни. Ова ми кажува дека имаме тло за одржливост и за наредни храбри подвизи од ваков тип. Размислувањето надвор од кутијата и вадењето на работите од контекст е она што ги раѓа новите “Еурека” моменти и така човештвото оди напред.

И, Вашата оркестарска придружба беше дел од оваа музичка магија. ..

-Оркестарот со задоволство Ви го претставувам. Да почнам од најстариот а воедно и водичот на ансамблот, Андреј Наунов. Кога се запишав на ФМУ беше корепетитор на отсекот за соло пеење кај неколу професори, вклучувајќи и Оперско студио кај покојниот професор Саша Николовски – Ѓумар. Од Андреј научив стилско пеење, фразирање , како да донесам едно музичко дело. Се работи за човек со огромно искуство и познавање на музиката. Марјан Ивановски – чело го познавам уште од нижо музичко училиште во Битола кајшто почнав да учам пијано. Лелееее 20 и кусур години поминаа… (Се смее). Димитар Михајловски – виолина учеше нижо музичко со брат ми и неговиот брат беше цимер со брат ми во Романија. Илза Бафтиари – виола ми беше една од поблиските колешки низ целото мое студирање на ФМУ.  Андреј Ѓорѓески – виолина е најмладиот член во оркестарот, дојде по препорака на прва виолина – Димитар, и сум пресреќен што имено тој е член на овој состав. Талентиран, скромен и подготвен за нови предизвици.

Според Вашата замисла продолжуваат концертите и во другите пештерии во Македонија за кои верувам дека освен ексклузивност и невообичаеност, имаат и некоја друга порака во порака која треба да биде пренесена и сфатена од публиката. Но, Нико, вие сте млад музичар, а имате богато искуство, имате настапувано во Москва и во други светски градови, си моќна и огромна музичка сцена. Тука, со споредбите, да се вратиме кај нас…

-Македонија и македонските уметници се полни со идеи. Имаме хиперпродукција на екстремно талентирани млади луѓе. Можностите поради стандардот на живеењето и поради условите во професијата се многу мали за да би си дозволиле да функционираме на начинот на кој што функционираат уметниците по светов. Да се биде врвен повлекува многу работи. Земете го концертов како пример. Се беше на мој, на наш грб. Да би имало во Македонија тим кој што ќе се грижи за се освен за моментот на нашиот настап, работите би течеле многу поинаку. Борба е. И напредокот е бавен, фрустрирачки и демотивирачки. Затоа пак, истрајните и упорните се толку ретки, рушат ѕидови, и сведочиме за светски имиња како мојата драга менторка маестра Ана Дурловски, кај која што завршувам пост-дипломски студии, исто така Игор Дурловски, маестро Симон Трпчевски, Џијан Емин, и таканатаму.

Што очекувате од вашата земја да направи за вас и за други млади уметници? Какви услови, како уметник, очекувате и посакувате?

Очекувам да се вложи во културата повеќе. Културата го облагородува народот во сите други области. Не за џабе поимот КУЛТУРА. Култивираниот народ знае што се вистински вредности, знае да почитува, кај таквите луѓе емпатијата е на високо ниво, нема простор за омраза и деструкција. Музиката и уметноста треба да бидат морална обврска на секој! Очекувам да никнат повеќе театри. Немаме театар на мјузикл и оперета. Имаме само една Македонска Опера и Балет! Нема продукција која што активно ќе лови таленти, немаме агенции за нивни пласман. Редно е да се појават. Би сакал да се појават и да ни го спуштат товарот на организацијата да можиме да го посветиме времето музицирајќи и творејќи за луѓето. За нивното облагородување и општата благосостојба. Ни треба мотивација. Ни требаат финансии. Повеќето музичари не можат да заработат за елементарна егзистенција, а камоли за одржување на инструмент! Ние сме единствениот состав во Македонија што свири музика од епохата на Барокот. Немаме барокни инструменти и гудала. Очекувам да престане дренажата на средства во ниски перверзни лесни задоволства, од типот на турбофолкот. Тоа повлекува само девијантни појави. Сведочиме за стотици илјади евра фрлани на концерти на “естрадни ѕвезди” од соседните држави, а хонорарот на музичките УМЕТНИЦИ е понизок од кафански музикант. Третирани сме далеку пониско од она како би требало. Ние сме во постојано “снаоѓање”. За да се очекува професионализам, треба да постојат услови за него. Ова е само малку од се она што сакам да можам да го очекувам…

Според она што го покажавте на овој концерт на Вас веќе со сигурност може да се смета како на иден Маестро. Која е крајната цел во музиката, или барем она што е пред себе си го поставивте како одредница, цел, “плафон”?

-Во музиката не постои крајна цел. Музиката е Универзум сам во себе. Бескрајни коридори на комуникација со Логосот. Ние сме само некаков медиум, и сме благодарни што е така. Предадени, во себичноста на нејзината љубов, ќе твориме и ќе носиме трепети и морници и солзи радосници, и ќе потсеќаме на работи, и ќе будиме мечтаења, и ќе помагаме во моменти на очај, и ќе ги поддржиме моментите на среќа засекогаш, на било каков начин. Нема крај на овој извор.

Освен класика, за која сте образован, обожаавте да пеете и популарна музика,поп, рок. Во што е шармот на едната,во што на другата музика?

Популарната музика е место каде што канализирам поинакви страсти, комуницирам на неформално ниво, бивам понепосреден, порасфрлен емотивно, погласен, побезобразен… си дозволувам тоа што не можам во сериозната музика. На уметникот му треба палета. Мојата вклучува џез, соул, фанк, латино, рок, поп, World, етно… и таканатаму. Во суштина не би требало да го делиме едното од другото и двете треба да бидат еднакво сакани и популаризирани. Исто како што јас наоѓам вентил на мојата моментална состојба, веројатно и народот наоѓа емотивно поистоветување и во двете, односно би требало да најде. Музиката, како што рекол Бетовен е за сите!

Исто така имате и свое музичко училиште за подучување на млади музички таленти. Колку ученици брои во моментов?

-Да, Центарот за Уметност и Слободно Изразување “Вруток” – Скопје постои веќе скоро 4 години. Учениците што поминале тука, а и тие што останале уште, нашле место на својот уметнички израз. Прибежиште од секојдневие, па и место каде што се родила професионалната определба кај некои. Јас сум горд што немам потреба од посебна маркетинг кампања. Приказната за Вруток се шири преку неговите членови, кои не се многу, ама колку, се, толку се, токму се. (се смее). Секако, добредојдени се сите што сакаат музика или сакаат да учат музички инструмент, или сакаат простор за музички проби сами или со својот бенд. Интересно е што Вруток и Врело се едно и исто – Извор. Секој заинтересиран може да го разгледа местото на страницата на Facebook:         www.facebook.com/vrutok. 

Има многу работи за кои допрва ќе зборуваме, во оваа пригода би сакала уште да Ве прашам дали ќе имаме можност наскоро да ве слушнеме и на носач на звук?

Секако! Покрај професионалното снимање на секој жив настан, во студиото “Вруток” се подготвуваат неколку проекти кои сакам да ги реализирам непосредно после завршувањето на пост-дипломските студии, и да оставам некој белег за моето дејствување во оваа област.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ