Постепено ќе се враќа во нормала работата на клиниките во склоп на Клиничкиот центар во Скопје, спремни ес протоколите за работа на рестораните, центрите за едукација и обука, а се подготвува и план за работа на градинките, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, најавувајќи ги деталите за крајот на неделава.
-Денеска се регистиррани 47 оздравени пациенти. За жал имаме еден починат, утрово на Клиниката за инфективни болести почина пациент на 65 хоспитализиран на 27 април. Денеска се регистрирани 7 нови случаи на заразени од коронавирус. Вкупната бројка е 1518 оздравени, 992 починати 85, а 433 активни пациенти со Ковид-19 – соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Како што посочи, во изминатите 24 часа направени се 113 тестови, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени двајца нови пациенти, вкупно се хоспитализирани 41, на кислородна поддршка се 21 пациент, а еден пациент е на респираторна машина.
-Во ГОБ „8 септември“ се примени тројца нови пациенти, вкупно се хоспитализирани 24, на респираторна машина се пет пациенти и уште тројца се со нешто потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се лекуваат четворица пациенти, во болницата во Штип, исто така – четворица, и во двата града се следат пациенти на домашно лекување. На инфективните одделенија во болниците во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар и Тетово се хоспитализирани 46 пациенти. Над 50 здравствени работници од 70 во кумановската болница се веќе вратени на работа, сите имаат 2 негативни тестови, сите одделенија функционираат нормално – додаде Филипче.
Од 235 здравствени работници заболени, 184 се оздравени и голем дел од нив веќе се вратени на своите работни места, а ддделенијата на детската клиника и Институтот за рехабилитација се целосно во функција, па министерот Филипче за утре најави состанок со директорите на клиниките од Клинички центар да се разгледа постепено враќање на нивната работа во нормала.
-Ќе има изменет терк на закажување преку „Мој термин“ каде ќе се измени времетраењето на прегледите за да се избегне метежот во амбулантите. Понатаму задолжително воведување на е-амбуланта каде тоа е возможно, како и соодветно закажување на снимања за да се избегнат гужвите на институтот за рендген и другите болници. Ова се поклопува со целосна реконструкција на улиците во Клиничкиот центар што се очекува целосно да заврши до крајот на неделата. Се асфалтираат сите улици, се отвора нова улица меѓу хируршката клиника и клиниката за стоматологија.Се отвораат два нови влеза, директно ќе води во Ургентниот центар на хирургија и уште еден влез и излез кај инфективната клиника, каде е поставена и мобилната болница, рече Филипче.
Министерот за здравство Филипче категорично ги отфрли шпекулациите дека постои политички интерес и заради тоа се намалуваат тестовите.
-Центарот за јавно здравје заедно со Институтот за јавно здравје пристапува кон план за скрининг на лица коишто се смета дека се во некои критични категории. Како одминува оваа фаза на епидемијата се очекува надградување на стратегијата, бидејќи оваа стратегија даде резултати. Направивме една успешна стратегија, а сега градиме план за истата се надгради за да влеземе во новата фаза на епидемијата – изјави тој.
Тој посочи дека во изминативе 2 месеци ниедна одлука не е донесена за било каков политички интерес и тоа така ќе остане и понатаму.
-Кога и да се одржат изборите тие ќе мора да се спроведат по строг протокол за заштита на здравјето на граѓаните. Нема да дозволиме било каква организација којашто ќе го загрози успешното работење. Очигледно е дека бројките на пациентите се намалуваат, епидемијата спласнува и тоа ни дава за право да работиме на олабавување на мерките, постепно да се враќаат на работа сите компании – истакна Филипче.
Тој најави дека протоколите за работата на рестораните и кафулињата се спремни, во тек е комуникацијата помеѓу сите засегнати страни, а можно е да се отворат веќе наредната недела, но според препораки на здравствените власти веројатно ќе работат само терасите со одржување на дистанцата. Во јавниот превоз задолжително е носење и спроведување на систем за проверка за носење на заштитните маски, но како што рече Филипче до крајот на неделата тоа ќе се објави за од почетокот на следната недела да биде во функција.
Протоколите за работа за сите центри за едукација и курсеви, автошколи и возачки испити, библиотеки, се готови, но се чека повратен одговор од одредени институции за да се објават и да се имплементираат, а деновиве ќе биде презентиран и план за работата на градинките.
„Прашање е работата на градинките, за кое што утрово исто така разговаравме на Комисијата за заразни болести. Сè уште траат консултациите во рамки на нивната експертска група, за што ќе ги контактираме и самите градинки за да се изработи посебен протокол. Свесни сме дека е навистина тешко и голем предизвик, затоа што децата се во ризик да бидат трансмисија на болеста. Сакаме да донесеме некој план кој навистина ќе може да се спроведе, посебно затоа што градинките мора да бидат во функција кога сите ќе се вратат на работа. Дозволете наредните денови кога планот ќе биде готов да дадеме повеќе информации за тоа како и на кој начин градинките ќе почнат да работат – рече Филипче.
Во согласност со решението за работата на градинките во следниот период ќе се разгледува и враќањето на администрацијата на работа, секако со почитување на мерката за носење маски. А.Р.