Вработен лаборант во Клиниката за детски болести e позитивен на Ковид-19 вирусот, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здраавство Венко Филипче.
Тој рече дека случајот е изолиран, и е направена епидемиолошка анализа, по што на 4 од 11 вработени им е препорачана изолација. За време на работата и извршување на работните задачи користена е целосна заштитна опрема според протоколот, рече тој и посочи дека радува фактот што во изминатите 24 часа се излекувани 42 пациенти од коронавирус.
Од Инфективната клиника заминаа 10 оздравени пациенти и 32 пациенти (12 во Дебар, 20 во Скопје) кои се лекуваа во домашни услови. Најмалите дијагностицирани пациенти на Инфективната клиника се стабилни и бебето на 4 месечната возраст и детето коешто има 2 и пол години. Се уште трае припремата на двата нови капацитети во лабораторијата во МАНУ и на Институтот за судска медицина – пациентите на кои постмортен им се зема брис се работат на Институтот на судска медицина, а лабораторијата во МАНУ за пациентите од болниците ширум државата, додаде Филипче.
Филипче посочи дека од досега добиените резултати од тестовите извршени во затворот во Шутка, нема ниту еден позитивен тест, а соопшти и дека по добиените податоци дека неколку дена по ред нема нови случаи на заразени од коронавирусот во Дебар и Центар Жупа во тек е скрининг на терен преку матичните лекари.
Министерот за здравство Филипче информираше дека е завршена постапката за набавка на респираторни машини, а од 9 економски оператори, два ги задоволиле условите – во однос на рокот и критериумите. Еден дел од респираторните машини ќе стигнат во следните 7 дена, а другите во другите од вкупно 31 во текот на следните 30 дена.
Во врска со двете починати лица во Велес, завршен е увидот на лице место од страна на тимот на Институтот за судска медицина, а по изготвувањето на извештајот јавноста ќе биде информирана – во однос на времето на смртта, по наодот на позитивен брис на КОВИД-19.
Во текот на утрешниот ден ќе се дискутира за барањето на родителите на деца со аутизам во однос на движењето во наредните денови, имајќи ја во предвид нивната потреба да се движат во различни делови на денот – поради тоа што тоа е чест дел и од нивната терапија, соопшти Филипче.
Филипче рече дека засега нема потреба од дополнителни мерки за Куманово, градот каде има најмногу заболени и починати од корона вирусот бидејќи според критериумите врз основа на кои се носат одлуките, па и тоа дали се потребни дополнителни мерки се и тие од каде се позитивно докажаните пациенти, односно тие кои се примарни контакти во самоизолација се луѓе кај кои е дијагностицирана болеста.
На денешната прес конференција Филипче кажа дека е во континуиран контакт со директорката на геринтологија од Скопје, како и дека МЗ има редовни контакти со другите домови за стари лица и засега немаат информации за заразени во овие домовии. А.Р.