Останува трендот на намалување на бројот на случаи, изјави на денешната прес-конференција минситерот за здраавство Венко Филипче, соопштувајќи дека во изминатите 24 часа се регистрирани 5 излекувани пациенти, во Скопје и во Неготино, а потврдени се 10 нови случаи во Скопје, Куманово, Прилеп и Велес, додека еден пациент на 60-годишна возраст од Делчево починал. Денеска се направени 189 тестови, а од утре ќе почне масовен скрининг на одредени категории, а први ќе бидат тестирани 2.000 вработени во детските градинки.
Како што најави министерот за здравство Филипче, до Владата Министерството за здравство ќе го достави предлог-планот на Комисијата за заразни болести за олабавување на рестриктивните мерки бидејќи состојбата во земјава е стабилна.
Предлог-планот за олабавување на мерките ќе се одвива во неколку фази од кои неделава би се отвориле центрите за обука и семинари на возрасни, автошколи, тренинзи на отворено за индивидуални спортови, тенис, спортски обложувачници и неугостителски шалтерски дејности и затворените трговски центри, односно моловите.
За намалувањето на полицискиот час ќе се дискутира на седница на Владата по што ќе бидат објавени одлуките.
„Во однос на полицискиот час ќе дискутираме на седницата на Владата со оглед на тоа што е можно со олабавување на мерките со некои економски оператори коишто се враќаат во работа да е потребно некакво редефинирање на полицискиот час, но тоа ќе го соопштиме после седницата на Владата. Засега немаме стриктна препорака поолицикиот час дополнително да се скрати. Станува збор за секако работа во рамките на часовите во коишто сега е дозволено движењето – рече Филипче.
Ако неделава состојбата со ширење на вирусот биде стабилна, следната недела ќе се отворат угостителските објекти со послужување и ќе може да се одвиваат тренинзи на отворено за колективни спортови, а една недела подоцна по следење на состојбата, би можело да се отворат и фитнес-сали, базени и хотели.
– Репродуктивниот број (R0) е помал од 1. Ова значи дека статистички 1 пациент заразува помалку од 1 пациент. Здравствениот систем има капацитет да се справи со повторно појавување на нови случаи со КОВИД-19, 80% од случаите со КОВИД-19 имаат епидемиолошка поврзаност, што значи дека значително е намален бројот на нови кластери –појасни Филипче.
Согласно параметрите на Светската здравствена организација епидемијата е под контрола и може да очекуваме стабилен период во летните месеци, но тешко е да се очекува дека вирусот целосно ќе исчезне, порача министерот за здравство Венко Филипче.
-Согласно сегашната состојба, утрово на состанокот на Комисијата беше дискутирано дека во следните два месеци очекуваме најзначајно намалување на ширење на вирусот. Индикациите на кои се темелат овие претпоставки се следните: најсилно изразени посткарантивни ефекти кога силно беше ограничено движењето на граѓаните; затворените граници и неможноста да имаме импортирани случаи значи само случаи со локална трансмисија кои се под максимална контрола; како и тоа што вообичаено ваков тип на белодробни епидемии траат помеѓу 8 и 12 недели – сега кај нас е периодот на 11. недела. Нешто што исто така очекуваме да придонесе во смисла на ослабување на вирусот и намалување на преносот се и високите температури – рече Филипче.
Според него животот се враќа постепно во нормала но дека во иднина мора да се внимава во делот на носење на маски, социјална дистанца и редовна дезинфекција на рацете. Во однос на можноста во следните два месеци да се организираат избори, министерот ги повтори научните претпоставки зошто периодот пред нас ќе биде мирен и епидемијата ќе биде под целосна контрола, како и ризиците кои може да ја влошат состојбата. На сила останува мерката секој кој ќе се враќа од странство да биде во 14 дневен карантин, а министрите за здравство од регионот ќе го разгледуваат начинот на патувањето на граѓаните. А.Р.