Холивудскиот режисер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел Сингер биле пронајдени мртви во нивниот дом во јужна Калифорнија, јавија американските медиуми NBC и CNN. Веста ја потврди и полицијата во Лос Анџелес, која соопшти дека во домот на режисерот биле пронајдени две безживотни тела, без јавно да го потврди нивниот идентитет. Роб Рајнер имал 78 години.
Според информациите објавени од медиумите, се сомнева дека двојката починала од убодни рани со нож, а полицијата соопшти дека истрагата се води како „очигледно убиство“. Засега нема информации за мотивот, ниту пак за осомничени лица. „Никој не е приведен и никој не е испрашуван како осомничен. Ќе разговараме со членовите на семејството за да ги утврдиме сите околности“, изјави заменик-началникот на полицијата во Лос Анџелес, Алан Хамилтон.
Роб Рајнер беше едно од најзначајните имиња на американската филмска сцена. Кариерата ја започна како актер во 1970-тите, а како режисер дебитираше во 1984 година со култниот филм This Is Spinal Tap. Потоа следуваа низа филмови што оставија длабока трага во светската кинематографија, меѓу кои Stand by Me, Misery и When Harry Met Sally. Во 1993 година, неговиот филм A Few Good Men со Том Круз, Џек Николсон и Деми Мур доби номинација за Оскар. Вкупно, Рајнер режираше 23 долгометражни филмови, а неодамна повторно се појави и како актер во популарната серија The Bear.
Семејството на Рајнер во соопштение изрази длабока тага поради трагичната загуба. „Со огромна болка ја соопштуваме трагичната смрт на Мишел и Роб Рајнер. Ова е ненадејна и тешка загуба и бараме приватност во овие исклучително тешки моменти“, се наведува во изјавата.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, ја опиша смртта на Рајнер како „огромна загуба за градот и за целата земја“, истакнувајќи дека неговото творештво и ангажманот за социјална и економска правда оставиле траен белег врз американската култура и општество.
Истрагата за овој трагичен настан е во тек, а јавноста со неверување ја прима веста за смртта на еден од највлијателните режисери на Холивуд.
С.Х.





