четврток, декември 19, 2024
домаХотел во Сплит евакуиран поради истекување хлор, пет лица во болница

Хотел во Сплит евакуиран поради истекување хлор, пет лица во болница

Поради испарување на хлор во хотелот „Радисон Блу“ во Сплит кое најверојатно дошло кога доставувачот со хемикалии истурил хлор во погрешен резервоар на базенот, на пет лица им е укажана лекарска помош, а најлошо бил работник за заштита при работа кој бил задржан во болницата, пренесе Хина.

Шефот на Обединетиот итен болнички прием (ОИБП) на КБЦ Сплит, Јосип Крниќ, изјави за новинарите дека најтешките клинички симптоми ги развил 63-годишен пациент кој имал тешкотии со дишењето со иритирачка кашлица, поради што бил задржан во болница, пренесе Н1.

„Пациентот е надвор од животна опасност, но сепак треба да се набљудува. Тројца помлади на возраст од 16, 17 и 20 години имаат полесни форми на труење и по лекување ќе бидат пуштени на домашна нега“, изјави Крниќ.

На прашањето дали знае точно која хемикалија предизвикала труење на луѓето, тој одговорил дека тоа требало да биде хлор. Неофицијално се дознава дека најтешко повредениот е 63-годишен работник за заштита при работа, 20-годишна девојка работела како келнерка во хотелот, додека двајцата малолетници се ученици кои биле на пракса.

Директорката за продажба на хотелот „Радисон“, Кристина Рогаљска, вели дека при растоварувањето на хемикалиите настанала несакана реакција и се почувствувала силна миризба, поради што биле принудени да ја евакуираат целата зграда. Таа пријавила дека тројца нивни вработени побарале помош во болницата, а околу стотина вработени и мал број гости морале да го напуштат хотелот.

„Сега ја проветруваме зградата, ги повикавме пожарникарите кои први влегоа во хотелот. Ги почитувавме сите протоколи за итни процедури, а евакуираните гости ќе ги префрлиме во другите сместувачки капацитети во градот“, рече Рогаљска.

Интервенцијата на пожарникарите се уште трае, го санираат испарувањето на хлорот и ја мерат неговата концентрација во просториите. Неофицијално се дознава дека до истекувањето на хлорот дошло на базенот на хотелот кога доставувачот истурил погрешна хемикалија во резервоарот.

Од полицијата најавуваат дека условите за спроведување на истрагата треба да се исполнат дури во сабота, бидејќи во хотелот се уште се чувствуваат последиците од испарувањето на хлорот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ