Коронавирусот општо гледано, нè стави во ситуација полна со неизвесност. Сè уште нема вакцина, не се знае дали и кога ќе ја има, не се знае дали ќе има уште еден бран на вирусот, како ќе изгледа животот кога ќе помине епидемијата … Границите на многу земји се затворени, патувањата се под голем прашалник и воопшто, сè е многу неизвесно.
Меѓутоа, кога станува збор за патувањата, експертите имаат неколку сценарија за тоа како би можеле да изгледаат и, на кратко, многу е покомплицирано отколку што е сега.
Многу експерти сметаат дека ќе биде потребна една година или две за да се вратиме во нормала, што се однесува до патувањето.
Во однос на влијанието досега, аеродромите ширум светот го намалија бројот на летови за скоро 60 проценти од декември до април, но патувања повторно ќе има.
Аеродроми
Експертите веруваат дека во иднина во редот во кој чекаат качување на авион патниците ќе треба да бидат оддалечени два метра едни од други, а постои и опција да бидат повикувани на своите порти преку СМС, за да се избегнат гужви.
Исто така, една од опциите е дека чекирањето ќе трае многу подолго – околу четири часа, заради преглед на патниците, како и дека патниците ќе треба да бидат тестирани за КОВИД-19 пред да патуваат. На аеродромите во Хонг Конг и Дубаи, тестирањата се веќе во тек.
Исто така е можно патниците да треба да носат извештај од доктор со нив – тајландските власти веќе бараат од туристите да носат со себе потврда дека не се заразени со корона вирусот, добиена не повеќе од 72 часа пред поаѓањето.
Кога станува збор за качување на авион, можно е да има таканаречени тунели за дезинфекција преку кои ќе поминат патниците и багажот.
Во секој случај, сосема е сигурно дека влегувањето во авион ќе трае подолго бидејќи здравствените контроли ќе бидат построги.
Во авион
Во овој момент приземјени се околу 64 проценти од авионите на сите светски авиокомпании што е вкупно околу 17.000 авиони. Авиоиндустријата претрпе огромни загуби и милиони работни места се загрозени.
Како сето тоа ќе влијае на иднината на патувањето? Може да има помалку летови, но и билетите на авиокомпаниите да бидат поскапи, како и седиштата во средина да бидат празни, патниците ќе треба да носат заштитни маски – што веќе се бара во некои авиони, а истото важи и за екипажот во кабината, кој мора да носат маски и ракавици.
Исто така, заради хигиена, патниците во авионот ќе добијат и влажни марамчиња за дезинфекција, а една од опциите е да има пластични прегради меѓу седиштата. Кога станува збор за храна во авионот, можно е сè да се сведе на сендвичи што ќе бидат спакувани во кеси за да се избегне допирање и контаминирање на храната.
Исто така е можно последните неколку редови на седишта во авионите да мора да останат празни за да се одделат патниците кај кои евентуално се јават симптоми на вирусот. Оваа практика е веќе воведена во Кина.
Во воз
Можно е социјалното дистанцирањеда се воведе и во возовите, а сосема е сигурно дека овие патници исто така ќе треба да носат маски. Една опција, велат експертите, е патниците во возот да седат наизменично, во секој втор ред, за да се минимизира контактот.
На бродови
Пред корона вирусот, патувањата со бродови за крстарење беа многу популарни, но дискутабилно е дали тоа ќе биде случај во иднина, особено кога се смета дека патниците на неколку крстосувачи биле заглавени на бродот заради нивните симптоми на вирусот.
Можно е компаниите сега да понудат многу поволни понуди за привлекување патници, но и дека помал број на земји ќе им овозможат на крстосувачите пристап на пристаништата. Сосема е сигурно дека патниците ќе мора да поминат здравствени прегледи пред да се качат на крстосувачите, и дека мерките за социјално дистанцирање ќе се применуваат на крстосувачите. И, многу е веројатно дека некои кабини ќе треба да бидат празни и подготвени за сместување на заразените.
Патувања во странство
Одморалиштата ширум светот се затворени, а никој не знае кога повторно ќе бидат полни со туристи. Експертите за патување веруваат дека социјалното дистанцирање сигурно ќе стане најважната мерка ширум светот, а некои дури мислат дека ќе се постават пластични паравани меѓу масите во рестораните и лежалките на плажа.
Многу е можно, сметаат тие, да се ограничи бројот на луѓе кои можат да бидат на едно место во исто време, односно да посетат една туристичка атракција, а постои шанса и некои места едноставно да не сакаат туристи.
Факт е дека некои земји ќе бараат туристите да бидат во карантин 14 дена по влегувањето во земјата – Франција веќе го бара тоа – што многу ќе ги обесхрабри патниците. А.Н.