Горјан Петревски е македонски писател на литература за деца и млади. Неговиот книжевен опус сочинува голем дел од полиците на националните библиотеки и книжари низ Македонија, а поради количината на делата и прифатеноста на истите, Петревски се смета за еден најпознатите и најпродуктивните писатели на литература за деца и млади. Ликовите од неговите дела се вредносен репер со кој се идентификувале голем број деца, што воедно го прави Петревски и еден од највлијателните македонски писатели. Во интервјуто за Текст.мк, Петревски открива која е врската помеѓу јазикот и творештвото, како јазикот се чува и збогатува преку творење на мајчин јазик, но како настануваат ликовите и вредносните ориентации на голем број генерации кои растеле со неговите дела.
*Колку е важно децата да имаат литература на мајчин јазик? Колку јазикот ги содржи одликите на општеството и културното опкружување во кое растат децата?
– Во животот сѐ почнува со првиот плач, а потоа и со првиот збор, мајчиниот, кој е сигурносен столб на сѐ што ќе се случува како говор низ годините што ќе доаѓаат. Оттука, нема добра градба без здрав темел. Ќе совладуваме и други јазици, но, без да си го запознаеме мајчиниот, ќе останеме празни и недоречени. Говорам како автор со животно искуство, се разбира. Не сум сигурен дека ќе бидеме подобри со туѓ јазик кому „школски“ ќе му пристапиме. И поубаво ќе се изразуваме со него. Така е барем во творештвото, (но и во новинарството!), со новонаучениот јазик наспроти мајчиниот, на кој, можеби ќе се обидеме и да пишуваме. Сепак, ќе ни недостасува колоритот и нијанските на мајчиниот и не ќе ги изнедриме од оној што ќе ни дојде подоцна како новоосознаен. Ќе речам и нагласено ќе подвлечам, не само индивидуата, ами и општеството е безусловно одговорно и треба многу да вложува во мајчиниот јазик, а дури потоа, како „готов производ“, да ги препушти и децата кон изучување на странски јазици. Со занемарен мајчин, се сомневам дека ќе бидеме подобри во оние јазици што ќе ги изучуваме. Пак ќе наведам, се обраќам како писател со творештво зад себе, но и со многу љубов кон мајчиниот јазик, а и со одглас на преводи на моите романи и надвор од земјава.
*Дали сте поборник на теоријата дека литература за деца треба да го отсликува времето во кое живеат и да биде современа или треба да ги едуцира децата на универзални етички вредности?
– Мајсторијата на раскажувачот, (или поетот!), се состои во тоа, сепак, да умее да им го отсликува нивното време, но, не да се занемарат универзалните вредности, како што наведувате Вие во прашањето. Едно без друго не може да го допре нивното интересирање. А и темите, (условно), што се „подзастарени“ треба умешно да се извадат од временската анахронија и да им се приопштат во духот на нивнава денешнина. Литературата за деца и млади е одговорна работа и не се согласувам да се дели на „детска и возрасна“. Всушност, многу поодговорна од онаа што ја допира возрасната публика. Кај децата и тинејџерите, постои црвена линија која не треба и не смее да се пречекори. Ќе се согласиме дека треба да биде и отслик на нивното време, но, умешно да се наметнат вредностите и од поранешни детства кои ќе им се допаднат и на новите генерации. Еднострано е и неупатено, да не речам себично од возрасните, (во време кога технологијата сите нѐ збунува и со брзи чекори граби напред), да се напаѓаат овие генерации дека, во споредба со поранешните, се неспоредливи во негативна смисла на зборот. Секоја генерација е „лика и прилика“ на времето кое го живее. И секоја е напаѓана од претходната, а потоа ќе се испостави дека сето тоа не било така. Човештвото временски може и да се променува, но, суштински останува она што е – луѓе со доблести и мани, со свои таги и радости, со животни приказни и доживувања. Всушност, ништо не почнува и не завршува само со една генерација. Оттука, постојат сеопфатни вредности кои не може да се занемарат и во ова време. Кога сето тоа, се пренесува во пишувана приказна која треба да освои и да придобие читатели, (без кои авторот не може да опстане), а дали тоа ќе се случи најмногу зависи од наративната мајсторија на раскажувачот кој, во никој случај, не треба целосно да остане во своето време и да ги убедува децата и младите дека „немало ништо поубаво од она што нему му се случувало“. Ако авторот продолжи да го прераскажува само своето детство, ќе биде здодевен и неинтересен. Треба да нурне и во поновите детства, а притоа да ги иселектира и универзалните теми. Тие постојат. Една од нив, безусловно, е и љубовта која, на овој или оној начин, ако не исто, барем слично, секому ќе му се случи. Чувствата на тој животен план, барем во првите љубови, се неминливи и неменливи. А вредното од она што некогаш било, како порака, ќе се внесе и во времето на децата и тинејџерите кои ја живеат својата сегашност. Никогаш, (па и денес кај овие генерации), добрите совети што ќе дојдат меѓу редови, (ако авторот умее да им се доближи за да му веруваат!), не се занемарливи за нивните „нерешливи“ проблеми со кои, бездруго, се соочуваат сѐ уште на кревка, а со тоа и на бесилна возраст.
*Дали денешните деца се разликуваат од децата од Вашата генерација и во кој поглед најмногу воочувате разлики?
– Во многу нешта се разликуваат. Во прв ред, од најмала возраст во игрите, а во тинејџерските години и во меѓусебната комуникација меѓу двата пола, девојчиња и момчиња. Нашите генерации беа посрамежливи и поповлечени, а денешниве, се „похрабри“ и подирекетни. Арно ама, чувствата ако не се исти, тогаш се слични и на некој начин, неменливи. Со оваа нагласка, пак ја допираме љубовта како тема која не „застарува“. Разликата е во нијансите, но и во умешноста како сето тоа да се прераскаже за да се биде близок до нив. Првите љубови некогаш се доживуваа „поромантично“, ама и денес, нивниве, си задржале и си имаат некоја поинаква, а посакувана романтика. Она што овие генерации го имаат, поранешните дури и не го сонуваа. Соочувањата денес се забрзано електронски, а не случајни, такаречи „на среќа“. Што се однесува до образовните и културните потреби, нештата се немерливи. Сегашниве генерации, за разлика од нас, имаат многу книги на својот мајчин јазик, а некогаш тие ни недостасуваа. А се располага и со информации и податоци на социјалните мрежи, иако многу од нив треба да се селектираат и да не се земаат „здраво за готово“. Но, совршенството на новото време овозможува похрабро, посигурно и поупатено да разговараат. Предноста е, каде – каде, на ова време! Не се согласувам дека пред нивново живеење имало некои други. „многу поубави“ времиња од нивниве. Не, не, со таков едностран став, возрасните запаѓаат во старечка себеизмама, во самољубие. Сето тоа е само „пекање и лелекање“, жалење за младоста која сѐ „живо и диво“, еден ден, по редот на нештата, несопирливо нѐ одминува. Треба да се соочиме со суштинската реалност и да им препуштиме на генерацииве по нас да си го живеат она кое никој никогаш не ќе може да им го врати. Затоа, пак, се нема и правото, на овој или оној начин, да им се одзема. Таква е и пораката во секој мој роман или расказ, сеедно.
* Дали авторот на литература за деца треба да го познава детскиот ум или повеќе времето во кое децата живеат?
– Во секој случај треба да биде познавач и целосно да се соочи и со едното, и со другото. Како автор држам до сознанието дека треба да се познава психологијата и да се насетат или подобро да се соживееш со нивните духовни потреби, но и како консументи на она што им се нуди на прочит. Сето тоа, самото по себе, ќе го наведе и ќе го навлече авторот да го пресликува времето кое го живеат сегашниве генерации. Притоа, треба да се умее ненаметливо, а сугестивно да им се посочи дека нивново време колку што има убави нешта, толку има и стапици, опасности и пороци со кои, на сѐ уште неотпорна возраст, немоќно се соочуваат. Не само некогаш, туку и сега, на мислење сум дека соработката со родителите изостанува и во ова време. Тој заклучок го вадам од бројните писма што ми ги испраќале и ми се доверувале како на некој, на кој и во романите и во книгите со раскази, почувствувале дека стои зад нивните проблеми и од нив создава јунаци, ги брани и ги насочува, а тие му возвраќаат со тоа што, исто така, му ги прифаќаат пораките што им ги упатува. Посебно женскиот пол, во случајов девојчињата на адолесцентска возраст кои, и како читатели, се побројни и поверни од момчињата, но и порано „избрзуваат“ со возраста. Зашто, без проверка пред читателите, не сме убедливи и како автори. Сепак, само тие се репер дали успеваме да им се доближиме или, пак, не. А и не простуваат ако она што им се нуди не го освојува нивното интересирање и без размислување ќе го отфрлат.
* Дали автор на литература за деца и млади е само еден плус учител надвор од формалниот систем на образование кое има задача да ги воспитува и едуцира?
– Не сум размислувал многу за таква авторска улога. Кај мене, во творештвото, сѐ некако се случувало спонтано, оддадено и со силна желба да се успее. Во секој случај, на младите, треба внимателно да им се пристапува. Како читатели да не те доживуваат како „строг учител“ во класична смисла на резонот кој, критикувајќи ги, нагласено ги советува, туку да те прифатат како некој близок што ќе им понуди нешто што ќе ги релаксира, вон многуте обврски кои ги имаат во наставата, но и ќе биде поинаков од оние грижливи наставници кои се нивно секојдневие и пред кои одговараат и настојуваат да добијат повисока оценка. Писателот не мора, а и не треба да едуцира нагласено, агресивно и беспоговорно, туку да понуди нешто како повозрасен другар и пријател кој ќе го заслужи нивното почитување. Ете, нека биде и како омилен учител со својот приод кон нив, да покаже ем знаење, ем умеење како да им пристапи и пред кого не се трепери како на час пред „престрог наставник“. Сѐ да се сведе на еден спонтан, а отворен разговор со близок кому ќе му се верува дека нема злонамерно да ја открие доверената тајна и загатка која, не се моќни самите да си ја разрешат.
* Во кој период од животното доба женските ликови во Вашето творештво добиваат свој идентитет и специфики. И дали постои заедничка црта која ги типизира Споменка, Марта, Сара Кадина, Климентина Евин, Винка Каран и другите женски ликови во Вашето творештво?
– Со ова прашање, ја допревте основната, да не речам суштинска карактеристика на мојот опус во кој, посебно во романите, доминираат женски тинејџерски ликови. Ликот на Споменка го оживеав во раниот период во трилогијата „Споменка“, „Спомените за Споменка“ и „Сонот со Споменка“, (но и во лирските обраќања и записи „Задоцнети писма до Споменка“), а потоа следуваа и други ликови во романите што ги наведувате. (Дури и во романот за возрасни „Духот на Михаела Косар“, пишуван и објавен во поновиов период.) И не случајно. Во списанието „Наш свет“, кое денес, не излегува, во 1979 г. за првпат ја воведов рубриката „Вљубена страница“ која ја уредував триесет и шест години, речиси до згаснувањето на списанието. Во неа читателите ми испраќаа песни и состави, но и ми доверуваа интимни проблеми. Во нив, девојчињата, беа помногубројни, а и похрабри од момчињата. Тогаш сфатив дека се соочуваат со проблеми кои за нив се нерешливи, па, така ја издигнав возраста повисоко и ги обработував нивните тешкотии, но, создавав и нови хероини од нив, а со тоа им давав до знаење дека во животот, посебно на нивната младешка возраст, „нема нерешливи проблеми“. Ми возвраќаа со читаност. Така беше со едно писмо на четиринаесетгодишната тинејџерка потпишано со „Несреќната Емона од Скопје“ кое ми беше непосреден повод да го напишам романот „Марта“ (а и вториот дел „Другата Марта“), лик кој, можеби ми е и „лична идентификација“. И двата романи, (заедно со „Сама“ и „Исти очи“), со превод од македонски на бугарски јазик, доживуваат успех и во соседна Република Бугарија, а веќе имам потпишано договор за објава на преводи и на другите романи. Од тие вистини се создадени и „Снеговите на Климентина Евин“, „Далечна љубов“, „Името ми е Вивиен Ли“… Но и читатели кои ме потврдуваат, на моја среќа, и како омилен автор, нешто што ми било сон со влегувањето во литературата за деца и тинејџери, долги години како единствен од мојата генерација.
Разговорот за Tекст.мк го водеше Магдалена Стојмановиќ – Константинов

