Околу 6.000 случаи на предвремени смртни случаи поврзани со азотни оксиди (NOx) секоја година се евидентираат во Германија, објави денеска Федералната агенција за животна средина (УБА), обезбедувајќи дополнителни докази за ризиците по здравјето предизвикани од токсичните честички, кои, главно ги произведуваат дизел моторите.
Овој број најверојатно ќе го зголеми притисокот врз производителите на автомобили и владата додека се обидуваат да ја забават стагнацијата на дизел-технологијата во која германските производители на автомобили вложија милијарди.
Агенцијата (УБА), исто така, објави дека азотните оксиди предизвикуваат болести кај милиони луѓе годишно и дека концентрацијата на отровни честички во 70 градови е поголема од лимитот утврден со стандардите за чистота на воздухот.
Автомобилската индустрија се потпира на дизел-технологијата за да ја зголеми ефикасноста, да ги исполни целите за емисиите на јаглерод диоксид и да купи време за преминот кон електрични автомобили. Но, продажбата на дизел мотори паѓа од 2015 година кога „Фолксваген“ призна дека мамел на екотестовите.
Новите истражувања ги покажаа вистинските нивоа на емисиите на азотни оксиди кои дизел моторите ги испуштаат – во поголеми количини од бензинските мотори. Германскиот суд минатиот месец пресуди дека германските градови можат да го забранат возењето на дизел моторите кои најмногу загадуваат, а одлуката може да го забрза залезот на моторите со внатрешно согорување.