Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго
Летото во Ресен и Преспа, своевремено, беше најмагичното нешто кое може да му се случи на млад човек. Во вибрации, уживање на плажа, на вечерни музики, на корзо, средби муабетења до друштвото, безбедност и сигурност загарантирана од сите страни, и познатиот ресенски матап, можеби и најголемиот бренд на градот.
Во пресрет на жешките јулски денови, доаѓањето на 7 јули, според православниот верскии календар познат како ден Иванден, значеше официјално отворање на летото. Тогаш доаѓаа во стар крај ресенските семејства кои живееја во странство, но и оние семејствата кои живееја во другите места и градови, најчесто во Скопје, и заедно со ресенските еснаф семејства, екипата беше комплетна за да почнат незаборавните летни доживувања.
За Иванден, 7 јули. се создаде навика да се оди на журка во Царев двор, каде цело село ја имаше земено оваа слава, се славеше во локалната сала, а таму ВИС „Персиди“ не забавуваа со срцепарателни песни и летни ју рок хитови, кои цела ресенска младина ги сакаше. Беше тоа „Криво е море”, „Дали знаш да те воли“ на кои можеш слободно некому да му се навалиш на рамо, и да сонуваш. Да леташ со мислите, и срцето.
Во Царев двор трепереа младите убавици, кои се пријавуваа да бидат Мис Иванка, или кои организаторот ги покануваше да бидат дел од шоуто а тоа се случуваше на игралиштето, каде бината беше импровизирана номполна со сјај и радост, всушност беше приколка од трактор покриена со чаршави, наоколу имаше музика и панаѓур, и атрактивни награди за убавиците, за тоа време актуелни фен, фигаро, шминки. Убавиците не мораа да се претстават во костим за капење, само во убавиот летен фуатан на нив, а убавиците беа навистина како од моден магазин со топ модели, најубавите преспански чупиња за чија убавина уште се раскажува.
Традицијата, пак, која е уникатна и исклучиво градска ресенска а се негува само за Иванден, е правењето на Иванка. Бела магија!
За многумина е непознатица, оваа традиција. Некои можеби малку слушнале. Најчесто се случуваше во најстарите градски сојови (во дворовите на нивнит куќи).
Се собираше цело маало, независно од која вера и нација е (всушност, во Ресен сите празници се славеа заедно), и почнуваше уметничкиот дел.
Се земаше старо ѓумче за вода, се полнеше со вода од три „живи“ чешми во која се фрлаа прстенчиња и белегзии (а потоа водата се користеше преку цела година, за да се напрска некој кого го боли главата), се обвиваше телото на ѓумот со боливач, а боливач се сушени гранчиња од камилица, и од боливачот се импровизираа раце на куклата, па на рацете и се ставаа или ракавици или чорапи. За фустанче можеше платно или останато материјалче од кај некоја шнајдерка, а за глава се ставаше парталчиња завиткани со бело платно, и се црташе лицето со силна шминка- се нацрвуваа усни со дреч црвен кармин, руж на образите и очи исцртани со креон и римел. Косата на куклата беше од од волница.
Потоа со Иванката се поминуваше по куќи (најчесто во маалото), се собираа или пари, или продукти, и од собраното се правеше ручек за сите деца од маалото. Се служеа и најубавите „колачки“, ванилички, кои беа составен дел од секое Иванденско славје.
Кога одевме да полнiме вода не требаше да зборуваме по пат. Таков беше адетот, наводно за да не чујат и да не се пробудуваат злите духови.
Интересно беше и вртењето и прошетката на Иванката низ град, таа на средина, а децата од маало од страна носеа факели од трски (горила). Иванката се шеташе по главната улица и до корзото, за сите да ја видат.
Потоа долго се зборуваше чија Иванка била најубава. На чие маало. Беше некако и престиж да се направи најубавата Иванка.
Иванката беше толку црвена во усните и образите, што во Ресен и ден денес за некоја нападно нашминкана жена, знаат да речат- Како Иванка е!
Од пред некоја година е востановена е и манифестација на ниво на општина, да се прави ревија на Иванки и да се избира најубавата ресенска Иванка. Кој бил во Ресен и Преспа, знае.
Во Ресен, на седми јули, со радоста со Иванката, летото и официјално можеше да почне!