петок, декември 20, 2024
домаКУЛТУРАЛиковна уметностИзложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ во „Мала...

Изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ во „Мала станица“

Меѓународна изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ на која ќе заземат учество десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена, ќе биде отворена утре (3 септември) во националната галерија „Мала станица“.

Македонската јавност ќе има можност да погледне дела од Селма Баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнхамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс“.

Настанот ќе почне во 18:30 часот со дискусија меѓу колективот „Стонителерс“ од Прага и претставници на македонската независна уметничка сцена.

– Во 2023 година е основано неофицијалното здружение наречено „Пул“. Во моментов составено е од шест членови од алтернативни уметнички простори, уметнички иницијативи и непрофитни уметнички центри во Република Чешка, вклучително и уметничкиот колектив „Стонителерс“ и Анешка Кожинкова, коja ја претставува галеријата „35 m2“. Оваа модерирана дискусија има за цел да го искористи примерот на здружението „Пул“ за да ја истражи темата за соработка и нејзините модели во рамките на независната уметничка сцена, обработувајќи ги и практичните аспекти и поттикнувањето на поблиски меѓучовечки односи. Дали овие модели можат да бидат одржливи и да функционираат долгорочно? Дали постојат стратегии за преживување за да се постигне ова? Дискусијата е дизајнирана да го олесни споделувањето искуства низ различни национални контексти – објаснуваат организаторите.

Официјално отворање ќе биде во 20 часот, а посетителите ќе имаат тура со водич направени од Карина Котова (Здружение „Јиндрих Халупецки“ – кураторски колектив, Прага) и Ивана Васева („Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ/ 19. „АКТО“ – Фестивал за современи уметности, Скопје) и со уметниците што изложуваат во рамки на изложбата.

Потоа, со почеток во 20:45 часот ќе има проекција на фимот „Неименувано (Нешто што сакаме да го именуваме, но постојано не успеваме во тоа)“ од Јижи Скала, а посетителите ќе можат да имаат и перформативна интеракција со делото „Раце преку глава“ од Барбора Клајнхамплова.

„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ е меѓународен изложбен проект кој вклучува уметници од Република Чешка, Словачка и земјите од поранешна Југославија, а е во рамки на „19. АКТО фестивал за современи уметности“. Изложбата е поддржана и од Националната стратегија за ревитализација на Чешка (Chech recovery plan).

– Изложбата има за цел да покаже како девалвираниот и слабо платен когнитивен труд се манифестира во уметничките животи и исто така да претстави различни пристапи и начини на справување со ситуацијата. На некој начин, сите учесници преку изложените дела се обидуваат да се справат со забрзаната динамика и интензитетот на (уметничкиот) свет, и да одговорат на императивот да испорачаат и создадат значајни, солидарни и емпатични контексти за заедничко справување со работите – објаснуваат организаторите.

Изложбата ќе биде отворена до 24 септември, а на затворањето ќе се одржи и промоција на брошурата „Прекарно за почетници“ и на публикацијата „Острови на сродство: Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции“.

Оваа изложба е една фаза од долгорочната посветена борба за подобрување на работничките права во уметноста и културата во земјава и е еден вид продолжување на серијалот на „АКТО“.

Досега „АКТО“ одржа целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“ во Битола во партнерска соработка со платформата „СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ“; серијата на мурали низ Македонија, односно на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“ во Кичево,  на објектот на Националната установа Центар за Култура (НУЦК) „Марко Цепенков“ во Прилеп и два мурали на зградите на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје; и меѓународната изложба и јавна програма „Куќата што се распаѓа“ во Музеј на Македонија во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“.

До крајот на годината во рамки на фестивалот „АКТО“ предвидени се уште неколку настани.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ