Каде одат вашите „каки“?!

НВО – Новинари за човекови права и оваа година го одбележува Светскиот ден на тоалетите, 19 Ноември. Светскиот ден на тоалетите 2017 ја продолжува темата на Светскиот ден на водите, со фокус на отпадните води.

0
249

Овогодишната тема на Светскиот ден на тоалетите е третирањето на отпадните води, или како што организаторите го насловиле „Каде одат вашите „каки“?“

Проблемот со санитација и пристапот до истата е горливо прашање за многумина. За милијарди луѓе ширум светот, системите за санитација се или непостоечки или неефективни. Фекалиите се излеваат во животната средина и шират смртоносни болести, сериозно поткопувајќи го напредокот на здравјето и  преживувањето на децата. Дури и во богатите земји, третманот на отпадни води може да биде далеку од совршен, доведувајќи до тоа реките и крајбрежјето да бидат небезбедни за риболов или рекреација.

Во рамките на 6-та цел од Целите за одржлив развој, се вели дека сите фекалии треба да бидат  складирани, транспортирани, третирани и отстранети на безбеден и одржлив начин. Во прилог на сериозниот ефект што ќе го има врз здравствените и животните услови, безбедното управување со отпадни води има голем потенцијал како прифатлив и одржлив извор на енергија, хранливи материи и вода.

EKOSAN_w1

НВО – Новинари за човекови права во рамките на овие предлози уште пред неколку години во Македонија го изгради првиот еко-сан тоалет кој има за задача да превенира во услови кога тоалетот нема пристап до градска канализациона мрежа.

„Предностите на овие тоалети во однос на полските клозети се бројни: не се загадува почвата, нема опасност од загадување на извориштата на питка вода, нема непријатна миризба, нема непотребно трошење на вода“ – вели Филип Спировски извршен дииректор на  Новинари за човекови права и додава – „ Ако се знае дека организмот на човекот во просек исфрла 50 кг. фецес и 500 л. урина, а за ова тоалетите со казанче трошат 12.000 литри вода, тогаш евидентни се загубите на вода. Она што е важно да се каже е користењето на урината и фецесот во земјоделието (во бавчите). Урината е богата со азот (53%) и со разредување и соодветно третирање може да се уоптребува како ѓубриво. Фецесот во овие тоалети е подложен на сушење. Целта на сушењето е да се уништат патогените и паразитите. Тоа се прави со посипување со пепел или струготини од дрва или пак друга сува материја. После период од една година и ова претставува ѓубриво погодно за земјоделието. Негативна страна од употребата на Екосан е потребата од повремено техничкото манипулирање со урина и фецес кое треба да биде направено претпазливо за да не дојде до контаминација и несакани последици.“

Факти:

  • Околу 60% од глобалната популација – 4.5 милијарди луѓе – или немаат тоалет дома или е таков што не ги отстранува безбедно екскретите.
  • 869 милиони луѓе во светот практикуваат дефекација на отворено и немаат никакви објекти за санитација.
  • 1.8 милијарди луѓе користат неподобрени извори на вода за пиење без заштита од контаминација од фекалии.
  • Глобално, 80% од oтпадните води генерирани од општеството, се враќаат во екосистемот без да се третираат или повторно да се користат.
  • Само 39% од светското население (2,9 милијарди луѓе) користат безбедно управувани санитарни услуги, односно екскретите безбедно се складираат на самото место или се третираат на друга локација.
  • Во комбинација со безбедна вода и добра хигиена, подобрената санитација може да спречи околу 842.000 смртни случаи секоја година.

Состојба со санитација и во Македонија не е на високо ниво. Фактите го говорат следново:

  • Само 18% од територијата на Македонија е покриена со канализациона мрежа.
  • Во урбаните средини 87% од канализацијата е приклучена до градската мрежа, додека во рурарлните средини 79% од тоалетите немаат пристап до градската канализациона мрежа, односно се со септички јами.
  • Само 16 проценти од Ромите кои живеат во Скопје имаат тоалет во домот… Останатите користат тоалети надвор од своите домови.

За подигнвање на свеста околу потребата од треирање на отпадните води организациата Светки ден на тоалетот објави едукативно видео, кое можете да го погледнете тука: