Срцевите болести се еден од најчестите здравствени проблеми, но експертите нагласуваат дека голем дел од нив може да се спречат. Светската здравствена организација нагласува дека дури 80 проценти од случаите можат да се избегнат со правилна исхрана и здрави животни навики. Исхрана како медитеранската или DASH диета (диететски простап за спречување хипертензија), доволно спиење, управување со стресот и редовно вежбање се само некои од клучните чекори што ги препорачуваат кардиолозите.
Сепак, како што предупредуваат кардиолозите, постои една дневна навика што значително го зголемува ризикот од срцеви заболувања, а повеќето луѓе го прават тоа несвесно. Тоа е долготрајното седење.
„Она што многумина не го сфаќаат е дека долготрајното седење не е само навика на живот, туку посебен кардиоваскуларен фактор на ризик. Колку подолго седиме, толку е поголем ризикот од висок крвен притисок, коронарна артериска болест, мозочен удар и кардиоваскуларна смрт“, вели кардиологот д-р Рами Дос за „Парејд“.
Кардиологот д-р Мона Шах слично нагласува, истакнувајќи дека долготрајното седење ги намалува нивоата на азотен оксид во телото, што го зголемува воспалението и ги оштетува крвните садови.
„Срцето најдобро работи кога телото е во движење“, вели таа.
Двајцата експерти додаваат дека долготрајното седење го забавува метаболизмот и ја намалува активноста на ензимите што ги разградуваат мастите.
„Кога седиме со часови, протокот на крв станува послаб, а нивото на шеќер, холестерол и крвен притисок се зголемува, што го зголемува ризикот од развој на срцеви заболувања“, објаснува д-р Дос.
Д-р Шах додава дека седечкиот начин на живот често води до зголемување на телесната тежина и појава на дијабетес тип 2, што е тесно поврзано со зголемен ризик од срцеви заболувања, пренесува „Индекс“.
Иако редовното вежбање има бројни придобивки, експертите предупредуваат дека еден интензивен тренинг на ден не може целосно да ги поништи штетните ефекти од долготрајното седење. „Секако, вежбањето е добро, но само делумно го намалува ризикот“, вели д-р Шах.
Д-р Дос додава споредба: „Ако пушите цигара наутро и се храните здраво до крајот на денот, тоа не ја брише штетата од цигарата. Исто така, ако вежбате еден час, а потоа го поминете остатокот од денот седејќи, некои од придобивките од вежбањето се губат“.
„Срцето најдобро работи кога телото е во движење. Вашето срце не го одржуваат само големите чекори, туку и малите, конзистентни чекори во текот на денот“, заклучи д-р Дос.

