домаЖивотЖивотна срединаКлиматска анксиозност – како екстремните временски прилики влијаат врз менталното здравје

Климатска анксиозност – како екстремните временски прилики влијаат врз менталното здравје

Екстремните временски прилики сè почесто оставаат сериозни последици врз менталното здравје на луѓето. Истражувањата покажуваат дека топлотните бранови го зголемуваат бројот на хоспитализации кај лица со ментални нарушувања, ја зголемуваат потребата од итни психијатриски интервенции и ги множат повиците на телефонските линии за психолошка поддршка.

Особено загрижувачки е фактот што во периоди на големи жештини стапката на самоубиства расте, а ризикот од смрт кај луѓето со ментални проблеми е и до три пати поголем. Истовремено, на површина излегува нов предизвик за јавното здравје – климатската анксиозност, стравот и неизвесноста поврзани со иднината во услови на климатски промени.

„Луѓето со нарушувања на менталното здравје и однесување, како депресија, биполарно растројство, шизофренија или развојни нарушувања, се изложени на значително поголем ризик за влошување на состојбата за време на екстремни временски прилики,“ изјави Дорота Јарошинска, менаџерка на програмата во Светската здравствена организација, за порталот Euractiv.

Француската Агенција за еколошка транзиција оваа година за првпат ја измери појавата на климатска анксиозност и утврди дека таа погодува 10,5 милиони граѓани, односно околу 15% од населението на Франција.

Климатските промени несразмерно ги погодуваат луѓето кои веќе имаат нарушено ментално здравје. Во Европската унија тоа се околу 84 милиони граѓани од вкупно 450 милиони жители, а бројката не ги опфаќа лицата што страдаат само од климатска анксиозност.

Невладините организации предупредуваат на бавната реакција на политичарите и бараат посериозни мерки кои ќе ги земат предвид психолошките предизвици на климатската адаптација. „На Европа ѝ е потребна стратегија за климатска адаптација која е длабоко човечка и општествена. Заштитата на здравјето на Европејците е составен дел од тоа, а нивното ментално здравје е витална компонента,“ изјави францускиот европратеник Кристоф Клерго.

Од организацијата Mental Health Europe со седиште во Брисел нагласуваат дека е клучно усвојување на принципот „ментално здравје во сите политики“, укажувајќи дека социјалните прашања, домувањето и климатските промени често се меѓусебно испреплетени.

Студиите посочуваат дека пренаселените станови, недостигот од климатизација и зелени површини, во комбинација со топлотните бранови, ја зголемуваат напнатоста и фрустрацијата кај луѓето и може да доведат до пораст на криминалот. Жештините генерално се поврзуваат со пораст на агресивно однесување и зголемен број случаи на семејно насилство.

На европско ниво сепак постојат ограничени ресурси за справување со последиците од топлотните бранови врз менталното здравје. Иако Европската комисија издвојува 1,23 милијарди евра за ментално здравје преку 20 иницијативи, ниту една од нив директно не го поврзува менталното здравје со климатските промени, пишува Euractiv.

Н. Доковска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ