петок, мај 24, 2024
домаЖивотЖивотна срединаКлиматски самит на ОН: Оваа година е меѓу трите најтопли години во...

Климатски самит на ОН: Оваа година е меѓу трите најтопли години во историјата

Генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Петери Талас, за време на свеченото отворање на 23-та конференција на ОН за влијание на климатските промени во Бон, изјави дека оваа година ќе биде меѓу најтоплите од почетокот на мерењето на температурите во 19 век

nata
Од нашиот специјален известувач од Бон.             Наташа Доковска Спировска

На конференцијата  на која учествуваат претставници на 200 држави и повеќе од 20.000 учесници од светот, Талас во својот говор меѓу другото кажа дека оваа година ќе биде малку постудена во однос на рекордната 2016 година.

– 2017 година ќе биде меѓу трите најтопли години од кога е започнато мерењето на надворешната температура – рече Талас во обраќањето на делегатите.

Во Бон денеска започна конференцијата за намалување на климатските промени што ќе трае до 17 ноември, а со неа оваа година ќе претседава Фиџи,  иако конференцијата не се одржува на тој остров. Ова се смета и за своевиден преседан, но според информациите во прес центарот во Бон, ваквото решение минатата година во Маракеш  го донеле Фиџи и Германија заедно, со образложение дека Фиџи е далеку и немаше да има можност сите овие делгати да појдат таму и да го свртат вниманието на медиумите и јавноста, а од друга страна и фактот што на Фиџи немало капацитети за организирање на една ваква конференција.

Затоа, пак, Германија, како домаќин, за организацијата издвои 117 милиони евра, а кога се зборува за просторот, домаќинот Бон долж реката Рајна направи вистински шаторски град за 25.000 учесници – со големина колку осум фудбалски терени.

За гостопримството и работата на Германците не треба воопшто да се сомневаме, но според експертите и добрите познавачи на преговорите за намалување на климатските промени, овде постои скептицизам. И речиси сите веруваат дека и оваа година разговорите ќе бидат тешки и неизвесни до самиот крај. Од една страна поради најавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за откажување од „Парискиот договор“. Од друга страна, пак, другите делегации би требало да разработат правилник, кој би бил усвоен на следната конференција во Полска, 2018 година.

По неколкугодишните напори да се постигне единство меѓу земјите, сега на хартија треба да се дефинираат конкретни мерки. Првенствено во интерес на земјите кои се особено погодени од климатските промени – островските држави како Фиџи, кој е оваа година претседавач со COP23.

– Мора да се чујат гласовите на оние кои се најранливи – рече премиерот на Фиџи во февруари, Френк Бајнимама. “Но, заедно мора да зборуваме во име на целиот свет. Никој не може да избега од климатските промени”, рече тој.

САД, кои најавија дека ќе се повлечат од Парискиот климатски договор, овде ги претставува потсекретарот за политички работи, Томас Шенон. Инаку, на конференцијата ќе присуствува и претседателот на Франција Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, чие доаѓање, како и на другите лидери, се очекува на крајот на конференцијата.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ