домаКолумниКолку уште жени треба да умрат за да кажеме: фемицид

Колку уште жени треба да умрат за да кажеме: фемицид

Пишува: Наташа Доковска

Вчера „Новинари за човекови права“, одржа дебата за тоа дали на Македонија ѝ е потребен посебен закон за фемицид. Додека ја слушав секоја приказна, секоја анализа и секоја болна бројка, не можев да престанам да размислувам – сè почесто и погласно – зошто нè плаши да го именуваме ова насилство. Дали ни треба закон за фемицид? Дали навистина ќе спаси животи или ќе додаде уште едно има во „мртвата“ статистика?

Јас верувам дека ни треба. И тоа веднаш!

Не затоа што наивно мислам дека со еден потпис ќе исчезне насилството, туку затоа што знам колку е тешко да преживуваш во држава која одбива да признае дека жените се убивани токму затоа што се жени. Денес, во нашиот Кривичен законик, поимот „фемицид“ не постои. Кога партнер, сопруг или поранешен сопруг ќе убие жена, тоа се третира како „обично“ убиство. Нема признание за годините контрола, закани, малтретирање, за сите пријави што останале во фиоки, за сите полицајци кои рекле „немаме доволно докази“.

Ако нешто нема име – го нема ниту во политиките, ниту во статистиките, ниту во јавната свест.

Секое убиство на жена е врв на една долга, често невидлива патека на запоставеност од институциите. Тоа се крици кои останале неслушнати, судови што не ја препознале родовата динамика на моќ, систем што ја оставил жртвата сама. Закон за фемицид би ги натерал полицијата, обвинителството и судството да погледнат подлабоко – да признаат дека убиството по род не е само „семејна трагедија“, туку злосторство што се случува затоа што општеството толерира насилство врз жените.

Но има и нешто друго, многу важно – симболиката.
Кога државата ќе каже дека убиството на жена поради нејзиниот род е посебен злостор, таа испраќа порака: ова не е љубомора, не е семејна кавга, не е афект. Ова е омраза. Ова е системско насилство врз жените.

Можеби е време да престанеме да се преправаме дека тоа не постои. Да престанеме да зборуваме за „љубоморни сопрузи“ и „трагични судбини“. Зад секое убиство има жена со име – Ана, Весна, Јована – и зад секоја од нив има општество што не реагирало на време.

Затоа велам: ни треба закон за фемицид. Ни треба збор што ќе го прекине молкот, што ќе ги натера институциите да се соочат со вистината, што ќе им даде на жртвите достоинство во смртта и ќе спречи нови трагедии во животот.

Не можеме да чекаме повеќе. Секој изгубен ден е ризик уште една жена да стане бројка. А тие не се бројки. Тие се животи што можевме да ги спасиме ако како општество имавме храброст да признаеме: ова е фемицид.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ