Веста дека е формирана нова писателска асоцијација – Македонски центар за литература е лажна вест, информираше Владимир Јанковски, писател и претседател на здружението на граѓани „Македонски центар за литература“.
Реакцијата на Јанковски следува откако денеска до медиумите стигна писмено соопштение во кое беше наведено дека се формира нова македонска писателска асоцијација, кое како што вели тој не е официјално соопштение на Македонскиот центар за литература.
Како што појаснува Јанковски, Македонски центар за литература е организација која не е асоцијација на писатели, ниту нејзините активности се поврзани со случувањата во Друштвото на писателите на Македонија, ниту контекстот на основањето на здружението не е поврзан со „бројните турбуленции изминатиов период во Друштвото на писателите на Македонија“, како што се посочува во лажната вест.
Целта на здружението Македонски центар за литература е промоција на литературата и културата на читање, вели Јанковски, појаснувајќи дека „едноставно некој направил лажна адреса на gmail, и од неа пратил сооштение кое е лажно и кое нема врска со целите и активностите на Македонскиот центар за литература, ниту за контекстот во кој е формиран.“
Демантот е објавен и на фејсбук профилите на Јанковски и на здружението на граѓани „Македонски центар за литература“.