Лидерот на руската опозиција Алексеј Навални е на одделот за интензивна нега на сибирската болница без свест и на респиратор, откако, според неговата портпаролка, тој бил отруен во четвртокот.
Навални (44) е без свест и е на интензивна нега откако се почувствувал лошо на летот од сибирскиот град Томск кон Москва, изјави Кира Јармиш.
Откако авионот принудно слетал во Омск, Навални бил однесен во болницата, објави таа на платформите Твитер и Телеграм.
„Сметаме дека Алексеј бил отруен со нешто измешано со чајот“, рече таа. „Тоа е единствената работа што тој ја пиеше утрово“.
Јармиш го спореди тоа со случајот кога Навални лани имаше силна алергиска реакција, што според лекарот може да биде резултат на труење со непозната хемиска супстанција.
Навални, правник и борец против корупцијата, во последните неколку години беше во затвор неколку пати заради организирање протести против Кремљ. Европскиот суд за човекови права донесе пресуда дека неговите притвори се политички мотивирани и ги кршат неговите човекови права.
Минатата година Русија ја прогласи нејзината непрофитна организација, Фондацијата за борба против корупција за „странски агент“. А.Н.

