Десет илјади жители на европските градови умираат прерано секоја година поради загадениот воздух, утврдија научниците во студија која рангираше повеќе од 800 градови според ризикот од рана смрт од два водечки загадувачи.
Студијата објавена во стручното списание „The Lancet Planetary Health“ го анализира ризикот од изложеност на азот диоксид – отровен гас, еден од издувните гасови од автомобилите и изложеноста на ситни честички кои можат да вклучуваат чад, прашина и пепел.
Научниците потоа создадоа интернет алатка која им овозможува на жителите да го видат рангирањето на нивните градови заедно со податоците што го споредуваат нивниот квалитет на воздухот со оној во другите урбани центри.
– Градовите се жаришта на загаден воздух – рече еден од авторите на студијата од Институтот за глобално здравје од Барселона, додавајќи дека се надева дека веб-страницата за споредување на податоци ќе помогне да се подигне свеста за „тивкото убиство“.
– Тоа е многу добра алатка за луѓето да видат што се случува во нивниот град и ние навистина треба да ги користиме тие информации за да поттикнеме акција – рече тој.
Во новата студија, научниците користеле податоци за квалитетот на воздухот специфични за градовите за да пресметаат колкав процент на смртни случаи може да се припише на изложеност на азот диоксид и ситни честички.
Околу 51.000 предвремени смртни случаи од ситни честички и 900 од азот диоксид може да се спречат секоја година ако градовите го намалат загадувањето на нивото препорачано од Светската здравствена организација.
Мадрид е на врвот според загадувањето со азот диоксид, а до седум проценти од сите природни смртни случаи се предизвикани од тој загадувач. Главниот град на Шпанија го следат Антверпен, Торино, Париз и Милано.
Градовите во италијанската долина По, јужна Полска и источна Чешка имаат најголем ризик од смрт од ситни честички, кои доаѓаат од поширок спектар на активности, вклучително и индустријата и греењето во домаќинствата.
Северноевропските земји како Исланд, Норвешка и Шведска доминираат на списокот на градови со најмал процент на смртност од азот диоксид и ситни честички, а меѓу се најде и Пула во Хрватска, пренесува „Новости“.
Скопје, главниот град на нашата држава меѓу водечките градови во светот според загадувањето на воздухот. Најголеми извори на загадување на воздухот во нашата држава се: процесите на производство на електрична енергија со употреба на цврсти горива-јаглен и течни горива, производните индустриски процеси, издувните гасови од сообраќајот, како и затоплувањето по домовите и административните капацитети во зимниот период. Уделот на овие извори во емисијата на различнити загадувачки супстанци, е различен. Во емисијата на азотните оксиди и сулфур диоксидот најголем удел има производството на електрична и топлинска енергија, а во емисиите на PM10 и јаглерод моноксид – сообраќајот и затоплување на домаќинствата и административните згради и други компании.
Загадувањето на воздухот е одговорно за околу седум милиони предвремени смртни случаи ширум светот секоја година, според бројките на Обединетите нации кои сметаат дека ризикот треба да се третира како прашање на човековите права. А.Р.