Милчо Манчевски првпат на ФДУ, но во бифе

0
310

Режисерот Милчо Манчевски по речиси цели 25 години од неговиот веќе култен филм „Пред дождот“, кој на Македонија и го донесе единствениот „Златен лав“ и направи неверојатен светски успех, за првпат гостуваше на Факултетот за драмски уметности во Скопје. И наместо тоа гостување да биде иницијатива и да ја добие поддршката од страна на професорите на факултетот, како што е во сите нормални земји, каде што професорите го сметаат за чест гостувањето на успешни автори кои можат да им пренесат дел од своето искуство на нивните студенти, кај нас тоа не само што не беше прифатено со одобрување, туку и средбата со студентите се одржа во бифето на ФДУ.

Замислете! Каква срамота!

Секако дека е најважно што интересот беше огромен и што студентите навистина сакаа да се сретнат со режисерот и да му поставуваат прашања (макар стоејќи), најважно е дека барем тие знаеја што значи еден таков автор „светски, а домашен“ да биде гостин и да проговори за своето искуство. Благодарение на професорката Синоличка Трпкова тоа гостување и се оствари, а на него беа присутни само уште две професорки и секоја чест за луѓето од бифето, кои сесрдно помогнаа.

На режисерот Милчо Манчевски, исто така, тоа не му беше важно. Најважно беше што тој овој пат беше поканет на ФДУ и што студентите со радост и возбуда тоа го прифатија и го очекуваа. Како што самиот кажа, освен во Њујорк, досега предавал на бројни академии, Лондон, Москва, Берлин, Куба, за две недели ќе предава во Шангај, затоа што тоа е толку вообичаено во светот, успешни и добри режисери да бидат поканети на тие факултети и да им овозможат на студентите заедно да ги погледнат нивните филмови и со нив да разговараат за тоа. Секогаш тоа се смета за успех на самиот факултет, тоа се смета за престиж и за дополнително искуство кое на нивните студенти може да им донесе повеќе. Секој добар професор сака тоа да им го овозможи на своите студенти.

Но, не и кај нас. Не и кај нас каде што е евидентно, јасно и потврдено со години и генерации дека имаме проблем во поглед на филмската едукација и познавањето на филмскиот занает. Зошто ни е на нас друго искуство (па макар и искуство на домашен автор), ние си знаеме се, ние упорно си правиме филмови за по дома, македонската кинематографија одамна си стои во место и никому ништо. Зошто тоа да го нарушуваме? Добро ни е, тие кои си фатиле позиции си се држат цврсто за нив и зошто некој нешто би бранувал? Најдобро е да се игнорираат сите што мислат поинаку, особено кога ја немаат силата во власта за нешто и да променат. И таму местата си ги држат овие „познати“ имиња (бидејќи во оваа наша жална Македонија, тоа се нашите „големи и докажани автори“).

Да не одиме подалеку. Секоја година на Филмскиот фестивал во Сараево восхитувачки е да видите колку режисери, сценаристи…, од цел свет се поканети, колку е важно тие автори да го споделат исуството со младите на Талент кампус и колку е важно да се направат работилници и развиваат проекти со нивните студенти и студентите од регионот. Самите студенти се одушевени од таа можност и изјавуваат дека тоа што таму го научиле за три дена, дома не можат да го научат ни за три години. Па што? Сме се обиделе и тоа да го направиме овде, но немојте ни да помислите, бидејќи може анатема да фрлат врз вас!!!

Но, она што е најстрашно, е што ова не е ново. Закоравените позиции, особено во вакви мали средини, се голема работа. Како што кажа и Милчо Манчевски, по неговите студии се вратил да работи овде, и не е единствен, но работите биле „замрзнати“. Затоа и тој и многу други мораа да заминат и да се остварат надвор од својата земја. Меѓутоа, најинтересно е дека и кога ќе постигнат успех надвор за тоа само ќе се напише овде, но давање позиција или менување нечие закоравено место, нема шанси. Зошто би го викале Манчевски кај кого генерации студенти во Њујорк завршија, или на пример, режисерот Иво Трајков, кај кого на ФАМУ во Чешка, како што пренесуваат студентите, е „тепачка“ за тој да им биде ментор. Така, имате ситуација македонски режисери и професори да обучуваат студенти во светот, но не и дома. А и зошто? Зошто овие кои си имаат закоравени позиции тоа би го дозволиле? Зошто да се вознемируваат и да си го одземаат мирот, зошто да дозволат некој да ги засени (а знаат дека тоа ќе се случи), кога тоа никому не му пречи? Како инаку од себе ќе создаваат митови, а богами ги има доста!!!

Сунчица Уневска