Иако министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска не ги сфаќа сериозно фејсбук групите, мајките кои бараа продолжување на породилното отсуство преку фејсбук соопштение ги информираше дека нивното барање не е прифатено. Само колку за потсетување за време на дебата на Топ Тема, министерката Шахпаска иако со потсмев говореше за фејсбук групата создадена од мајки кои користеа продолжено породилно отсуство, за да вечерва, преку својата фејсбук страна им соопшти дека нивното барање е одбиено.
Таа на нејзиниот профил напиша:
„По консултација со Претседателот на Владата Зоран Заев и министерот за здравство др. Венко Филипче ги информираме родителите кои користат продолжено породилно боледување да се вратат на работа согласно владината одлука донесена на 14 септември оваа година, родителите на децата до шест години да се вратат на работа од 23 септември.
Еден месец продолжување на породилното боледување не менува ништо. Како Влада, но и како Министерство, создадовме услови за безбедно сместување на децата во градинките согласно здравствените протоколи. Со нивно почитување ризикот за инфекција со Ковид 19 е сведена на минимум.
Истовремено ги информираме родителите кои ги изгубиле своите работни места поради продолженото породилно боледување, дека со четвртиот пакет на економски мерки, коишто беа презентирани денеска, се предвидува поддршка за компаниите кои го задржале истиот број на вработени од 31 јули оваа година. Тоа значи дека на компаниите им одговара оваа мерка.
Живееме во време на пандемија која бара општествена одговорност од секој од нас како поединец и граѓанин на оваа држава.“
Мајките се револтирани од ваквиот игнорантски однос и најавуваат нови активности.
Н.Д.