Специјален известувач за НЕА од COP26, Александра Радевска
Модната индустрија вчера на COP26 во Глазгов, Велика Британија, објави дека ја подига својата колективна амбиција со научно засновани обновени цели за намалување на емисиите во рамки на Повелбата на модната индустрија за климатска акција.
Со обновените обврски се предвидува план за декарбонизација усогласен со амбициите на Парискиот договор за ограничување на порастот на глобалната температура на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа. Модната индустрија е препознаена како главен глобален играч кој треба да земе активно учество во придонесот за реализација на овие цели.
Централно место притоа има повикот до компаниите да постават научно засновани цели или да ги преполоват нивните емисии до 2030 година, со ветување дека ќе постигнат нето-нула емисии најдоцна до 2050 година. Ова се надградува на претходната цел од 30 проценти збирно намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година.
Повикот доаѓа во клучен момент за климатска акција по најновиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), кој се однесува на „црвениот аларм за човештвото“.
„Ова е важна пресвртница за Повелбата на модната индустрија, бидејќи го зголемува нивото на амбиција во обид индустријата да се усогласи со 1,5 степени. Тоа е сигнал дека треба тесно да работиме заедно со нашите колеги, нашиот синџир на снабдување, креаторите на политики и потрошувачите за да постигнеме нето-нула емисии“, рече Стефан Зајдел од „Пума“, кој е копретседавач на Управниот комитет на Повелбата на модната индустрија.
Понатамошните обврски во обновената Повелба вклучуваат набавка на 100% од електричната енергија од обновливи извори до 2030 година, набавка на еколошки прифатливи суровини и постепено отстранување на јагленот од синџирот на снабдување до 2030 година.
Потписниците на Повелбата на модната индустрија колективно претставуваат значителен дел од модната индустрија, во моментов 130 компании и 41 поддржувачка организација, вклучувајќи некои од познатите брендови како што се „Барбери“, „Х&М“ групацијата, ВФ корпорацијата, „Адидас“, „КЕринг“, „Шанел“, „Најк“ и „Пума“, како и добавувачи како што се „Кристал груп“, „ТАЛ Апарел“ и други.
Обновената Повелба, исто така, повикува на создавање механизми за поттикнување ангажман од добавувачите на патот кон декарбонизација, како и наведени мерки за ангажирање на други засегнати страни кои ќе треба да ја играат својата улога, вклучувајќи ги креаторите на политики, финансиските институции и комуникаторите. Повелбата поставува план за заеднички развој и имплементација на колективна стратегија за декарбонизација со практични алатки потребни за постигнување на целите за намалување на емисиите на стакленички гасови од Повелбата.
„Во време кога климатската криза се забрзува на невидени нивоа, потребно е реалната економија да води кон климатска акција. Зајакнатите заложби на потписниците на модната повелба се одличен пример за такво лидерство“, рече Никлас Свенингсен, менаџер за Глобална климатска акција во ОН за климатски промени.
Новата Повелба беше претставена доцна вчера на COP26, на сесија на која се истражуваше како да се насочи модната индустрија кон патеката на нето нула, можностите и бариерите за декарбонизација и постоечките решенија кои можат да се развијат и забрзаат. За време на настанот, беше објавен повик за политики за поттикнување на употребата на материјали што можат да се следат и се прифатливи за животната средина.