понеделник, мај 20, 2024
домаЖивотСоцијална политикаНагради од „Невидливите“ за новинарите кои истражуваат социјални теми

Награди од „Невидливите“ за новинарите кои истражуваат социјални теми

Неодамна, по прв пат во Македонија се одржа наградување на новинари кои пишуваат за социјални теми, на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, наречени награди „Гласник на невидливите“. Во МКЦ Клуб ресторан се доделуваа награди и признанија како дел дел од проектот „Journalism-prize goes international“ инициран од Австриската платформа против сиромаштијата, а финансиран од ЕРСТЕ Фондацијата и Европската мрежа против сиромаштија.
Награда во вид на светилка, како симбол за давањето видливост на проблемите на луѓето кои живеат во сиромаштија, вчера добија повеќе новинари на настанот „Гласник на невидливите“, новинарските награди специфични по тоа што сториите ги оценуваше жири-комисија составена од луѓе кои и самите имаат искуство со живот во сиромаштија или социјална исклученост.
Хекуран Акифи и Славица Филиповска, новинари од тимот на 360 степени, добија награди за нивните стории, Акифи за прикажувањето на проблемите со кои се соочуваат слепите лица, а Филиповска за приказната за Дневниот центар во Шуто Оризари, кој изгоре во пожар минатата година. Милена Атанасоска-Манасиева и Сребра Ѓорѓијевска од Факултети.мк беа наградени за сторијата со основците од кумановското село Бајловце, кои пешачат и по шест километри за да стигнат на училиште. Новинарката Маја Јовановска беше наградена за сторијата „Деца фантоми“, која го прикажува проблемот на лицата во Македонија кои живеат без соодветна документација, а статуетка со светилка добија и новинарскиот тим од „Види Вака“ за документарецот „Собирачи“ кој го прикажува животот на луѓето кои собираат пластика. Награди добија и Александар Манасиев и Мирко Трајановски.
„Многу е тешко кога сите во недоверба ви велат дека нема шанси жири од луѓе со искуство во сиромаштија да оценуваат новинари. Исто така е тешко кога ќе се соочите со моментот дека никој не ви верува дека партиципацијата и учеството се двигателите на едно демократско општество. Тешко е кога се обидувате, дури и на луѓето кои ги живеат проблемите, да им кажете дека и нивните проблеми се еднакво важни како и оние на богатите“, рече Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија.
Овој несекојдневен проект се организира за прв пат во Македонија, според искуство од Австриската платформа против сиромаштијата започната во 2010 година на иницијатива на новинарите и лица кои биле во сиромаштија. Наградите не се парични, туку симболични. Во Австрија, на пример, победниците добиваат статуетки во облик на глава од змеј, а во Хрватска светилник, како симбол за промовирање на достоинствено известување за сиромаштијата и новинарство преку кое се прикажува гласот на општествено „невидливите“ лица. Награди со исто значење, но со различно име, се доделуваат и во Финска, Исланд, Унгарија, Романија и Србија.
Целта на наградите е промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, во кое се почитуваат граѓаните и нивното достоинство, како и оддавање благодарност на новинарите кои внимаваат преку нивното информирање да не се градат стереотипи и кои не се водат од сензационализам.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ