недела, декември 22, 2024
домаЖивотЖивотна срединаНè труе „здравата храна“ од загадените почви

Нè труе „здравата храна“ од загадените почви

Додека предлог Законот за заштита на почвите чека усвојување, граѓаните продолжуваат да произведуваат и да конзумираат храна која се одгледува на почви во кои концентрацијата на тешки метали е далеку над дозволеното.

Иако загадувањето на животната средина е актуелна тема на дискусија, недоволно се зборува за загадувањето на почвата и несаканите ефекти врз здравјето на луѓето. Како резултат на повеќедецениско работење на индустриските објекти во Македонија, и несоодветното постапување по нивното затворање, на неколку локации во земјава е забележана екстремна загаденост на почвата.  Сепак, и покрај ваквите сознанија, континуирано на загадената почва се одгледуваат градинарски култури кои се пласираат на зелените пазари.

Професор Трајче Стафилов од Институтот за хемија на ПМФ, вели дека во Македонија се мапирани 16 локации со индустриски отпад. Охис во Скопје, Топилницата во Велес и рудникот за арсен во Лојане, се трите најконтаминирани локации каде што и покрај направените анализи на почвата кои покажуваат екстремна загаденост повеќе пати над дозволеното, се одгледуваат градинарски култури.

Охис во Скопје, Топилницата во Велес и рудникот за арсен во Лојане, се трите најконтаминирани локации каде и покрај енормната загаденост се одгледуваат градинарски култури

Како резултат на тридецениското работење на Топилницата, посочува професор Стафилов, земјиштето во Велес е загадено во радиус од 14 квадратни километри.

– И покрај тоа што Топилницата не работи од 2003 година, загадувањето продолжува поради тоа што се дистрибуираат честичките од троската која што ја има во големи количини, а истата не е заштитена од разнесување. Нашите истражувања покажаа дека околу 14 квадратни километри почва во градот и во околината се загадени екстремно над интервентните вредности според европските стандарди. Ние за жал немаме правилници за максимално дозволени концентрации на штетни супстанции во почвите, иако пред 6 години со работната група во Министерството за животна средина го подготвивме предлог-законот, тој се уште не е во процедура. Во моментов ги користиме странските стандарди и според холандските, интервентните вредности значат дека ако се појават такви почви, треба веднаш да се отстранат и да се пречистат. Ние имаме 14 квадратни километри екстремно загадени почви и во Велес – вели Стафилов.

Тој потврдува дека отровните супстанци од депониите ја контаминирале почвата, на која земјоделците садат градинарски култури.

– Собравме примероци од зеленчуци од бавчи од градот и се утврди дека во сите примероци, содржината на олово и кадмиум е над дозволеното според нашите правилници.  Толку екстремно загадена почва ќе придонесе земјоделските производи да ги извлекуваат отровните метали преку коренот и тие да ги има во плодовите кои ги консумирате – вели проф. Стафилов.

Сите зеленчуци произведени во велешкиот регион се контаминирани со олово, кадмиум и други тешки метали над дозволените концентрации

Контаминацијата на храната која се произведува е далеку над дозволените граници, посочува проф. Стафилов.

– Би сакал да потенцирам дека дел од резултатите на нашите истражувања кои се однесуваат на општото загадување на животната средина во Велес и во неговата околина, посебно, истражувањата на контаминираноста на земјоделските производи од тој регион и укажувањата се дека практично сите зеленчуци произведени во тој регион се контаминирани со олово, кадмиум и други тешки метали над дозволените концентрации и таа храна се уште се консумира – вели Стафилов.

Истото се случува и во останатите места каде што има индустриски отпад. Линданот во Охис, кој Скопје го стави на прво место по загаденост во Македонија, исто така штетно влијае на одгледувањето на земјоделски култури. Земјоделците и домаќинствата кои што живеат во близина на фабриката, треба веднаш да престанат со производство, без разлика дали е за сопствена употреба или за продажба, предупредува професорот.

Иако неспоредливо со контаминација во Велес, нивото на тешките метали во Пробиштип е сепак над дозволените содржини во Европа

Загадување на почвата има и во Пробиштип по течението на Злетовска Река, како резултатот на работата на рудникот за олово-цинкова руда и депонирање на јаловина во огромни количества, од десетици милиони тони. Таа јаловина бидејќи е на отворено,се дистрибуира во околината и е причинител за загадување на почвата и воздухот.

Сепак, според професорот Стафилов, обемот на тоа загадување не е споредлив со тоа што е во Велес. Содржината на тешките метали во Пробиштип се значително пониски, но сепак над дозволените содржини во Европа.

-Во Лојане има депонија од арсен и антимонска јаловина тешка 500.000 тони, но и 15.000 тони добиен арсенски концентрат кој не бил продаден.Тој е депониран на отворено со висока содржина на арсен и тоа во големата депонија од 1 до 2 проценти, а во концентратите е до 50 проценти. Арсенот се дистрибуира со ветерот и ги загадува подземните води. Станува збор за канцерогена материја, штетна по здравјето на луѓето – нагласува Стафилов.

АХВ потврдува дека при испитувањата се пронајдени тешки метали

Од Агенцијата за храна и ветеринарство, во чија што надлежност е контролата на храната која се произведува, велат дека АХВ, почнувајќи од 2012 година, ја спроведува Програмата за мониторинг на безбедноста на храната Македонија.

-Согласно анализата од досега реализираните програми за мониторирање на безбедноста на храната кои се реализираат од 2012 година, во Вардарскиот регион има зголемени концентрации на тешки метали, кадмиум и олово (Pb) заради што е предвидено земање на примероци за анализа од Велешкиот, Неготинскиот и Кавадаречкиот регион – велат од АХВ.

Во Вардарскиот регион има зголемени концентрации на тешки метали, кадмиум и олово во почвите

Мониторингот на тешки метали се спроведува на прехранбени производи кои се одгледуваат и се застапени на пазарот во Македонија во региони во кои, согласно анализата на Министерството за животна средина и просторно планирање, има најголема концентрација на тешки метали во почвата.

Како што објаснуваат од таму, мострите се земаат од местата на откуп на земјоделските производи и од зелените пазари за земјоделски производи.

Според објаснувањето на професор Стафилов, еден од начините за решавање на проблемот е државата да забрани производство на градинарски култури во овој регион. Наместо тоа, да им наложи на земјоделците да засадуваат растенија кои имаат моќ преку коренот, да ги извлекуваат од земјата тешките метали. Додека не се исчисти почвата, државата да ги субвенционира земјоделците со пари од буџетот. Тоа сепак, претставува долг и скап процес.

Сепак, и покрај утврдените зголемени количества на тешки метали во градинарските култури, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се уште нема донесено одлука за забраната за производство на градинарски култури во места каде што има голема концентрација на тешки метали во почвата.

Од Министерството за земјоделство не прецизираат кога ќе биде изгласан предлог Законот за заштита на почвите.

Има многу малку информации за тоа каде се наоѓаат загадените почви

-Законот за почви е во собраниска процедура, поминато е прво читање. Очекуваме наскоро да биде изгласан – кратко ни одговорија од Министерството.

Од друга страна пак, во Министерството за животна средина и просторно планирање недостасуваат ажурирани податоци во извештајот за напредок во управување со контаминирани локалитети. Во извештајот кој може да се види тука,  се гледа дека има многу малку информации за тоа каде се наоѓаат загадените почви и дали се прави нешто за тие да се санираат.

-Иако постои дефиниција за контаминирано место, односно локалитет, поради отсуство на гранични вредности за концентрацијата на одредени токсични хемикалии во почвата, тешко е да се определи точниот број на локалитети каде е констатирана контаминација на почвата, стои на официјалната веб страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Таму е објаснето и дека во Македонија е извршена идентификација и прелиминарни истражувања кај 16 локалитети каде е утврдена контаминација на почвата и се означени како жешки точки. Главни истражувања се спроведени кај осум локалитети. Имплементација на санациони мерки се спроведени кај три локалитети додека комплетирањето на мерките не е направено ниту на еден локалитет. Е.Д.С.

******

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Архус за новинари“спроведуван од Здружение на Новинари за човекови права, (НЧП) Скопје, во подгрантовата шема на проектот „Градење на капацитетите на граѓанските организации за животна средина за зголемување на демократските процеси во Македонија“, спроведуван од Здружение за одржлив развој – Милиеуконтакт Македонија и Здружение на инженери за животна средина – Развојна Програма, Реф.бр: Europe Aid/155322/DD/ACT/MK.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ