На 1 август концерт, најпознатиот македонски гитарист Влатко Стефановски ќе одржи концерт во Античкиот театар во Охрид, заедно со неговите гости и пријатели Теодосиј Спасов од Бугарија, хармоникашот Танос Ставридис од Грција, Билја Крстиќ од Србија, Весна Гиновска Илкова и македонскиот етно состав „Љубојна”. Влатко концертно ќе го претстави неговиот последен албум „Мајчин јазик”.
На прес-конференцијата по повод овој настан, одржна во „Пелистер“, Стефановски рече дека концертот во Антички е како кулминација на сите негови досегашни концертрирања низ разни меридијани, а неодамна одржал концерти и во Лесковац, Цеље, Грделица, Котор, и на други места.
Охрид за него е место полно со магија, дух, уметност, неверојатна природа и претставува секогаш голема инспирација и возбуда
-Би сакал да ја имаме таа среќа да влеземе во празникот, 2 Август-Илинден, заедно со последните нумери од концертот, рече Стефановски.
Владимир Мандичевски-Манде од Баги комуникации кои се организатори на концертот изјави дека во Охрид ќе има концерт по трите фантастични и успешни концерти на Стефановски во Скопје.
Почетокот на концертот е во 22 часот.
Организаторот најави дека на концертот ќе присуствува и првата жена премиер на Словенија Аленка Братушек.