Нов лек наречен „canakinumab“ може да го намали ризикот од срцев удар за 15 отсто, и што е неверојатно, и од сите видови на рак за 50 проценти, тврдат лекарите од „Brigham and Women’s hospital“ во Бостон, пишува „Тајм“.
Нова студија објавена во „New England Journal of Medicine“, претставена на Конгресот на Европското здружение на кардиолози, дава нови докази дека намалувањето само на воспалителните процеси, без влијание на висината на холестерол, значително го намалува ризикот од срцев удар, а споменатиот лек се покажал многу ефикасен во намалување на овие процеси.
Во студија во која биле вклучени 10.000 луѓе кои веќе доживеале срцев удар, на испитаниците по случаен избор им се давани дози на плацебо или лекот „canakinumab“, кој инаку се користи за лекување на ретки имунолошки состојби и функционира така што го намалува воспалението, но не и нивото на холестерол.
По четиригодишно испитување, оние кои го примале лекот, го намалиле ризикот за 15 отсто од добивање срцев удар во споредба со оние кои не земале терапија. Лекот исто така ја намалил потребата за ангиопластика или вградување бајпас за триесет проценти.
„Овој резултат е подобар отколку што се надевавме“, вели д-р Пол Ридкер, кој ја предводел студијата, инаку директор на Центарот за кардиоваскуларни болести и превенција во „Brigham and Women’s hospital“, инаку пионер во откривањето на улогата на инфламаторните процеси кај болестите на срцето.
„Сега имаме јасни докази дека намалувањето на воспалението на овој начин ја намалува стапката на срцев или мозочен удар, без каква било промена во нивото на холестерол.“
Околу една четвртина од оние кои претрпеле срцев удар ќе доживеат нов, дури и ако го задржат холестеролот во препорачаните нивоа. За нив, се чини, не е нивото на холестеролот тоа на што треба да се фокусираат туку воспалителениот процес кој предизвикува проблеми со срцето.
Студијата дополнително го зајакнува фактот дека кардиолозите треба да обрнат внимание на овие процеси, а не само на вообичаените анализи на холестерол. Обичен тест на крвта на ЦРП, која се зголемува во крвта токму при воспаление, може да им покаже на лекарите колкав воспалителен процес во телото имаат нивните пациенти.
Од 2003 година Американското здружение на кардиолози даде инструкции на лекарите во кои случаи да се користи ЦРП, бидејќи се покажа дека не постои дополнителна корист од овие анализи кај оние кои веќе пијат статини, кои, секако ги намалуваат воспаленијата и холестеролот.
Сепак, овие нови резултати може да ја променат улогата на ЦРП. Околу половина од оние кои доживеале срцев удар главно имаат покачени воспалителни фактори, а половина имаат висок холестерол. ЦРП тестот може да укаже на тоа кој има проблем со воспаление, а кој треба да зема лекови како што е „canakinumab“. Лекот се уште не е одобрен за лечење на какви било болести на срцето, бидејќи е потребно да се направи комплетна студија.
Она што е уште поинтригантно кај овој лек е тоа што тој се покажа како многу корисен во превенција од рак. Во одделна студија објавена во „Лансет“, која користела податоци од споменатите студии, се покажа дека луѓето кои користат „canakinumab“ имаат до педесет проценти помал ризик од смрт од било која форма на рак во текот на повеќе од четири години, а дека ризикот од фатален рак на белите дробови се намалил за 75 проценти.
Иако врската помеѓу ракот и срцевите заболувања не е очигледна, д-р Ридкер вели дека многумина кои имале проблеми со срцето, како учесниците во студијата, се или биле пушачи, што е фактор на ризик за коронарни болести. Пушењето ги зголемува и воспалителните процеси. А оние кои пушат една кутија цигари на ден се доведуваат до хронични инфламаторни заболувања на белите дробови.
Ова влијание на лекот врз ракот сеуште е непотврдено и потребно е да се направи една нова студија, но е охрабрувачко, вели д-р Отис Бредли од Американското друштво на онколози, кој учествувал во студијата.
„Знаеме дека слободните радикали и воспалителните процеси можат да ја оштетат ДНК и да предизвикаат рак. Сето ова има смисла за мене“, вели д-р Бредли.
Студиите веќе покажаа, на пример, дека воспаленијата може да бидат фактор на ризик за добивање рак на простатата и на дебелото црево. Сепак, сите овие сознанија треба да се испитаат.
„За десет години повеќе ќе се занимавамесо персонализирана медицина“, вели Ридкер. „Некои ќе користат повеќе лекови за намалување на воспалителните процеси, некои ќе земаат таблети за намалување на холестеролот. Можеби ќе имаме и уште некои начини и лекови кои сега не ги земаме предвид“, вели д-р Ридкер.