сабота, декември 21, 2024
домаЖивотОд Еко-Герила порачуваат дека нема рестартирање на Југохром без филтри

Од Еко-Герила порачуваат дека нема рестартирање на Југохром без филтри

По заканите врз членовите на невладината организација Еко-Герила откако обзнанија дека се планира наскоро рестартирање на Југохром без вградување на филтри, членовите на Еко-герила денеска и се обратија на јавноста. Во соопштението се вели дека во изминатите денови различни поединци им испраќаат пораки заедно со финансиски понуди со цел да ги замолчат и да не не реагираат за Југохром.

Во соопштението меѓу другото се вели:

„За ова е известена полицијата и денес баравме директна средба со премиерот Зоран Заев за да го информираме за овие закани и уцени. Исто така, информацијата ќе ја споделиме и со амбасадите и организациите кои не поддржаа во нашата мисија за почиста животна средина, како и институциите на Европската Унија во Брисел, кои на нашата држава и поставија услови за започнување на преговорите: правната реформа, борбата против корупцијата и организираниот криминал и функционирањето на владеењето на правото.

Сакаме да се потсетиме дека имавме уште поголеми предизвици со претходната влада, и не се повлековме, а камоли сега. Каузата на Еко-Герила никогаш не зависела од неколку поединци, туку од волјата и големата поддршка на граѓаните. Валканите игри со мафијашки тенденции, не само што нема да нè спречат, туку напротив, само нè мотивираат да не се откажуваме од нашата мисија. Граѓанската реакција ќе биде многу оштра за секоја уцена од Југохром или од одредени кругови во Владата.“

Од Еко Герила објаснуваат дека со оглед на фактот дека во 2013 година, од страна на Светската здравствена организација, Тетово беше рангиран како најзагадениот град во Европа, не смее да се толерира ниту една можна манипулација и поставување на филтрите без ригорозен надзор од независни меѓународни експерти, кој ќе утврди дали проектот и системот за филтрирање ги исполнува соодветните стандарди и го спречува ослободувањето на штетните гасови.

Тие се категорични во нивниот став и велат дека без веродостојна меѓународна гаранциј, нема да се прифати никаква манипулација од страна на сопствениците, без разлика дали е и во соработка со Вицепремиерот Анѓушев. Сметаат дека е тенденциозно и опасно неговото инсистирање на реотворањето на Југохром паралелно со воспоставувањето на филтри, а не по завршувањето на нивното распоредување и како што е предвидено со законот.

„Официјалните мерења на Министерството за животна средина, покажаа јасно дека оваа фабрика предизвикува 60% од вкупното загадување во Тетово и околината. Југохром треба да го плати скапо труењето на тетовчаните, бидејќи бројот на болни деца беше двојно повисок додека работеше оваа фабрика. Во 2015 година, кога работел Југохром, овој број изнесувал 31.446 случаеви, додека во 2017 година кога не работел овој број се намалил на 18.578 случаеви. Со оваа предизвикана штета од страна на Југохром, пред да ги постави филтрите, бараме од сопствениците, да платат милионски отштети и да имаат законска одговорност за загрозување на животот и здравјето на луѓето во градот Тетово и околината. Мотивирани од случајот на Битола, каде беа поднесени обвиненија против раководните лица за огромно загадување, ние ќе бараме компензација за предизвиканите болести и смртни случаи, кривично дело, казниво со 4 до 10 години затвор.“ се вели во соопштението  на Еко Герила.

Тие му порачуваат на Вицепремиерот Анѓушев дека треба да знае дека здравјето и почитувањето на законот е повеќе вредно за граѓаните отколку цената на феро легурите на берзата.

И на крај од нивното соопштени порачуваат: „Ние нема да се повлечеме. Војната за почиста животна средина ќе продолжи. Нулта толеранција за убиецот!“

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ