четврток, декември 19, 2024
домаЖивотОхридско – преспанска годишноодморска пандемија

Охридско – преспанска годишноодморска пандемија

Пишува: Филип Спировски

Корите од тури – потпечи специјалитетот познат како ѓомлезе, крцкаат и не се премрсни. Не се ни пресуви, таман се солени и на изглед таман се заруменети. Личат на најубавата баклава од среде Стамбол, печена. Послужени во земјен сад послан со лист од марула, наредени едно врз друго, парчињата ѓомлезе претставуваат тврдина на гурманлакот во Охридско – Преспанскиот регион. Мајсторите за овој специјалитет, кој до скоро се приготвуваше под саќ, а сега во електрични печки, навистина се гурмански сликари на минатото. А „сликите“ протнати низ рестораните во туристичките центри во регионот на големите езера во Македонија се пренесуваат низ приказни насекаде во светот.

Одблесоците од овие приказни допреа и од пишувачот на овие редови преку желбата да го повторат прераскажаното од пријателите од САД. Хотелот Рива, во селото Стење, на брегот од Преспанското езеро преполн со луѓе е еден од ретките комерцијални сместувачки капацитети под пазувите на Националниот парк Галичица. Насмеаните домаќини го приготвуваат највкусниот крап (пржени кременадли) со коски од 12 см и месо со боја на туна. Малку се збунија кога им побаравме ѓомлезе, а тие веќе ги потрошиле количините за тој ден, но со задоволство прифатија да ја споделат тавата од тетка Павлина со присутните гости во ресторанот зашто за нејзиното ѓомлезе се вели дека кој не го пробал – не знае што е ресенско ѓомлезе. И туристите од САД кои се најдоа тука по препорака на нивните пријатели направија слики и го пробаа овој необичен за нив, специјалитет. Ќерка ми го јаде со бело сирење и ајвар и често се случува да се „скараме“ за мезето за ракија која се служи за по една за добредојде и уште по неколку за разбистрување на политиката.

За жал Преспанското езеро е во очекување на некогашниот сјај и за гостите кои можеа да направат и до 80.000 ноќевања во сезона. Но, убавина не недостасува! Си заминавме од Преспа и преку Галичица се упативме кон македонското Сен Тропе – селото Трпејца. Приказната оттаму допрва следува, а ѓомлезето од Подпеш за споредба со ресенското го пробавме наредниот ден.

Потпешшш

Подадената глава на триесет сантиметарската тасалата змијулесто ја сечеше бистрата вода и рамната површина на езерото. Се скри во вода кога се обидов да ја намамам со корка од ѓомлезе. Затоа рипчињата во рој го средија корчето. Дали поради вирусот или природно е – не знам, но во Охридското езеро, по крајбрежјето, никогаш не сум видел повеќе рипчиња во август. Во Охрид, во јата и луѓето допливуваат, особено за викендите. Јурат на плажите со маски за лице наместо за гњурење, полни со денари наместо евра и среќни, но резигнирани зашто вообичаениот втор дел од летниот одмор кој подразбира – на Охридско езеро, сега е прв, втор, последен… Ноќна мора за жителите и трошка надеж за трговците и туристичките работници се преполните улици во вечерните часови. Продавниците крцкаат со роба, а цените се по старо: покачени за сезоната небаре чартерите со туристи од светот само тука смеат да слетаат. И тие малкуте залутани странци се губат низ толпата Македонци од сите краишта на болната татковина. Како од некои други, минати времиња кога туризмот во охридско преспанскиот регион опфаќаше стотици илјади домашни туристи, се раѓа надеж во главите на туристичките работници замотани со превентивни маски и шамии, дека со вистинско планско инвестирање и соодветен развој на регионот за десетина години можеби ќе можеме да се сладиме на 15 – 18 % импакт од туризмот наместо сегашните 3-9% зависно од аголот од кој гледате. А во меѓувреме ќе се радуваме на ѓомлезето и макалото од лук, на рибината чорба, на тавите со вкусни манџи наместо редот пред сендвичарите и на љубезните келнери кои врзани со маски преку лице едвај се справуваат со туристите научени на туризам без пандемија.

 

Текстот е дел од проектот ЕКО Едукација за новинари“, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ