недела, декември 22, 2024
домаЖивотЖивотна срединаОН: Затворањето заради КОВИД 19 нема да доведе до очекуван пад на...

ОН: Затворањето заради КОВИД 19 нема да доведе до очекуван пад на јаглеродните емисии

Нивото на атмосферски јаглерод диоксид продолжи да расте оваа година и покрај очекуваниот пад по затворањето заради КОВИД 19, соопшти во понеделникот Светската метеоролошка организација (СМО).

Многу научници оваа година очекуваа најголем годишен пад на емисиите на јаглерод со генерации, бидејќи поради мерките за борба против коронавирусот, авионите беа приземјени, бродовите беа во пристаништата, а патниците беа дома.

Сепак, СМО го опиша предвидениот пад за 2020 година како „мало отстапување“ и рече дека резултирачкото влијание врз концентрацијата на јаглерод диоксид што придонесува за глобалното затоплување нема да биде поголемо од вообичаените годишни колебања.

„… На краток рок, влијанието од затворањето поради КОВИД 19 не може да се разликува од природната варијабилност“, се наведува во Билтенот на СМО за емисиите на стакленички гасови.

Годишниот извештај објавен од агенцијата на ОН со седиште во Женева ја мери атмосферската концентрација на гасови – јаглерод диоксид, метан и азотен оксид – кои ја загреваат нашата планета и предизвикуваат екстремни временски услови.

Годишниот раст го надминува просекот

Нивото на јаглерод диоксид, производ од согорувањето на фосилни горива што придонесува најмногу за глобалното затоплување, достигна нов рекорд од 410,5 делови на милион во 2019 година.

Годишниот раст е поголем од претходната година и го надминува просекот во последната деценија.

„Таква стапка на раст сè уште не е видена во историјата на нашите мерења“, рече генералниот секретар на СМО, професор Петери Таалас, осврнувајќи се на зголемувањето од 2015 година и повикувајќи на „одржливо порамнување на кривата (на емисии)“.

Глобалните податоци сè уште не се достапни за 2020 година, соопшти СМО.

Како и другите научни организации, СМО соопшти дека очекува глобалните емисии на јаглерод да паднат оваа година поради мерките против КОВИД 19, коишто прелиминарно се проценуваа на 4,2-7,5 проценти.

Таквиот пад не би довел до пад на атмосферскиот јаглерод диоксид, но привремено би ја забавил стапката на раст на скалата што спаѓа во нормалните варијации, се вели.

Без оглед на тоа што го правиме денес за да ги ограничиме емисиите, голем дел од испуштениот јаглерод диоксид пред неколку децении остана во атмосферата и придонесува за глобалното затоплување, рекоа климатските научници.

Во периодот помеѓу 2018 и 2019 година, концентрациите на метан кој повеќе ја „заробува“ топлината се зголемија нешто помалку од претходниот период, но сепак над просекот во последните десет години.

Нивоата на азотен оксид, кои го нагризуваат озонскиот слој и ги изложуваат луѓето на штетни ултравиолетови зраци, исто така се зголемија во 2019 година, но со побавно темпо од претходните години и споредено со просечниот раст во изминатата деценија. А.Р.

Текстот е дел од проектот ЕКО Едукација за новинари“, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање 

 

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ