петок, ноември 15, 2024
домаСпортОстанати спортовиОткажани сите ВТА и АТП турнири во Кина

Откажани сите ВТА и АТП турнири во Кина

Водени од одлуката на кинеската влада да ги откаже сите меѓународни спортски настани во оваа земја во 2020 година, Здружението на тениски професионалци (АТП) и Женската тениска асоцијација (ВТА) ги откажаа сите планирани тениски турнири во Кина до крајот на оваа година.

Така, единствениот турнир во Азија Мастерс 1000 во Шангај, турнирот во серија 500 во Пекинг и два турнири во серија 250 во Ченгду и Зухаи испаднаа од календарот на АТП Тур.

Дури седум турнири се откажаа од календарот на ВТА тур, меѓу кои се издвојува финалето на ВТА, завршниот турнир на осумте најдобри тенисерки на светот во Шенжен со награден фонд од 14 милиони американски долари. Беа откажани и задолжителниот Премиер турнир во Пекинг, турнирот од серијата Премиер 5 во Вухан, Премиер турнирот во Женгжу, ВТА елитниот трофеј во Зухаи и турнирите од серијата Интернешенал во во Тијанџин, Нанчанг и Гуангжу.

“Ние сме крајно разочарани што нашите турнири од светска класа нема да се одржат во Кина оваа година. За жал, таа одлука вклучува откажување на Шисеидо ВТА ​​ финалето во Шенжен, а како последица на тоа, укинување на скалата Порше трка до Шенжен”, рече претседателот и извршен директор на ВTA, Стив Симон и им се заблагодари на организаторите за напорите што досега ги направија во подготовките за турнирите што нема да се одржат.

“За време на пандемијата, нашиот пристап беше да ги следиме локалните инструкции кога станува збор за одржување турнири. Ние ја почитуваме одлуката на кинеската влада да го направи она што е најдобро за земјата во оваа невидена глобална ситуација”, рече претседателот на АТП, Андреа Гаудензи.

Останати се 13 турнири во тековниот рамковен календар на АТП турнејата за 2020 година, со последното издание на АТП финалето чиј домаќин е Лондон и Финалето на Некст Ген АТП Фајналс во Милано. Првиот турнир од остатокот од сезоната треба да започне на 20 август, а тоа е Мастерс 1000 Вестерн и Садерн Опен кој наместо во Синсинати ќе се игра во Њујорк непосредно пред УС Опен.

ВТА турнејата сега има 14 турнири во календарот за 2020 година, од кои првиот е Палермо Лејдис опен, кој треба да започне на 3 август. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ