понеделник, декември 30, 2024
домаЖивотРепортажиПампорово: Сончеви милувања за зимни збиднувања

Пампорово: Сончеви милувања за зимни збиднувања

Наташа Доковска

Комбинацијата на сонце, магла, снег и мраз може да ги направи сите среќни, дури и оние кои не се најголемите љубители на зимата и снегот. Играта на природата го прави Пампорово едно од најживописните делови во областа на Родопите, најдолгиот планински масив во Бугарија. Идиличните ливади со неверојатни насипи и нијанси на зелена боја во контраст со густата борова шума, стрмни карпи и длабоки кањони што на многу места ја сечат оваа планина – се најкусиот опис за Родопските Планини, дел од најстариот планински венец на Балканот.

Сепак, ако треба да изберете дестинација што вреди да се посети во кое било време од годината, тогаш токму Родопите треба да бидат на врвот на листата, бидејќи тие се разновидни, посебни, различни и уникатни. Оваа планина зафаќа речиси 1/7 од територијата на Бугарија и е поделена на два дела – исток и запад. Источните Родопи се пониски, покриени со миризливи ливади, додека западните може да се пофалат со високи врвови, планински карпи, пештери, па овој дел од планината е многу поживописен за туристите кои патем ги има од цела Европа. Источниот дел е питом и “потивок” и затоа во овој дел се одгледуваат лековити билки и претставува мека за љубителите на „мирен“ одмор, за разлика од западниот дел кој е вистински  “афродизијак”. Во секој случај, на Родопите ќе најдете сè за што сте заинтересирани ако ја сакате природата.

Според една од легендите, познатиот митски поет Орфеј е роден тука. Нејсе, денес Родопите  повеќе живеат како една од најпопуларните зимски дестинации за туристи од Европа и остатокот од светот.

И не случајно, веќе втора година, дозволувам сонцето во Пампорово да ги гали образите на мојата ќерка додека неуморно со татко и се скија низ прекрасните стази на скијачкиот центар, а јас го пијам највкусното греано вино.

А, еве и зошто!

Географска положба на Пампорово

Највисокиот врв на Родопите е врвот на Снежанка, кој е на надморска височина од 1926 метри, а туристичкиот центар Пампорово е во неговото подножје, на 1620 метри надморска височина. Пампорово се наоѓа во регионот Смолен, во јужна Бугарија, а на 85 километри од Пловдив и 240 км од Софија. Центарот е поврзан со два меѓународни аеродроми, а и магистрален пат кој е постојано прооден. Пампорово се наоѓа на 10 километри од градот Чепеларе и 16 километри од градот Смолен. Особено е интересно што ова е едно од најјужните европски скијачки центри, популарно меѓу скијачите и вљубениците на други зимски екстремни спортови, како и оние кои едноставно сакаат да поминат семеен одмор во снежна идила.

Ски патеките во Пампорово

Речиси сите патеки во овој планински центар започнуваат од врвот Снежанка, а должините на патеките се разликуваат. Триесет и седумте километарски скијачки патеки овозможуваат задоволство за сите љубители, а најдолгата патека е 5,1 км. Патеките, се разбира, се разликуваат и по тежина, бидејќи има такви за почетници, но и за искусни скијачи кои ја сакаат авантурата и предизвикот. Варираат од “зелени” за почетници до оние “црните” кои се предизвик дури и за напредни и професионални скијачи. Инфраструктурата на Пампорово е одлична, има 6 жичари кои ги превезуваат туристите до саканата патека. Има  1 жичара со шест седишта, 2 со по четири седишта, 1 тросед,  1 едносед и 2 ски-лифтови.

Скијачкиот центар е идеален за крос-кантри скијање, или како што се нарекува “нордиско скијање”, бидејќи вкупната должина на патеките кои се за оваа ски дисциплина е околу 25 километри, што го вклучува времето на поминување низ живописното  село Мугла и назад. Најголем број на ски патеките во Пампорово се за почетници – т.н. “зелени” и “сини” патеки, и околу 90% од патеките имаат систем за вештачки снег со повеќе од 150 снежни топови, со што  им се овозможува на гостите слободно да уживаат во активностите на снег, дури и кога природата е малку „поштедлива“  и нема природен снег.

Системот кој ги сервисира центарот и ски патеките на Пампорово има капацитет до 12.000 скијачи на час. Во прилог на скијачите, патеките се одлични и за други зимски спортови, како што се сноубординг, санкање, возење со моторни санки и други попопуларни екстремни снежни спортови. На патеката број 2 на врвот на Снежец, може да уживате и во ноќно скијање, бидејќи е добро осветлено по целата патека која е долга 1176 метри. Оваа патека е одличен избор за оние кои го сакаат адреналинот во крвта бидејќи е широка 60 метри, а наклонот на оваа должина е неверојатен 283 метри и е идеален за егзибиционистите на снег. За мене и за многумина од Македонија предизвикот е што истовремено цело семејство може да скија на иста патека и да се превезува заедно со жичарата цели осум часа.

Греано вино и јагне на ражен

А, за оние кои не скијаат Пампорово нуди дневна забава со греано вино и јагне на ражен. На самите  скијачки терени има неколку т.н. бачила во кои до 16:30, до кога е и работното време на жичарата нуди бугарски специјалитети зачинети со греано вино и ракија.

Доколку, пак, се одлучите  да се искачите со жичара на Студенец, покрај ТВ Кулата  од која имате неверојатен поглед кон Родопите, има живописна природа низ која се проткајуваат неколкуте бачила од кои секое крие своја приказна.

Потписникот на овие редови мусалскиот чај го испи во бачилотоTHE LODGE каде љубезните домаќини ветија дека за секој читател на текстов на ТЕХТ.МК, а кој ќе  го посети нивниот ресторан и ќе им каже дека го прочитал текстот, ќе  му понудат попуст од  10%. Ресторанот покрај топлиот мусалски чај што го подготвуваат  на посебен начин, нудат разноразни бугарски специјалитети  и специјално подготвена риба. На целиот амбиент посебен шмек му дава и запалениот камин! Не двоумете се, појдете во THE LODGE!

Доколку пак повеќе сакате да  останете во самиот центар и да прочитате некоја книга, ќе ја  најдете бесплатната библиотека од каде слободно можете да си земете, но и да оставите книга. Или, пак, да седнете на некоја од клупите и да дозволите да ве милува сонцето над Пампорово.

Снегот и евентуалното невреме (та нели е зима) не плашете се, овде не може да ве изненади. Центарот 24 часа се одржува и дежурните екипи цела ноќ работат за да ги подготват и улиците, приодот кон Центарот, но и патеките за наредното утро.

Паморово, велат мештаните, живее 12 месеци. И речиси секој месец има некој настан, кога поголем, кога помал. Најголем акцент во календарот за оваа зимска сезона е Конгресот “ИнтерСки” кој е закажан за средината на март, кога Пампорово ќе биде домаќин на над 1000 најдобри инструктори за ски и сноуборд од целиот свет. Но, сепак, велат домаќините најубав е за Нова Година и Велигден.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ