По неодавнашната средба меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп, меѓународната дипломатија повторно се движи во лавиринт на парадокси. Додека Меѓународниот кривичен суд има издаден налог за апсење на рускиот претседател, Швајцарија и Австрија испраќаат сигнали дека би биле подготвени да го примат и да му обезбедат простор за преговори со украинскиот лидер Володимир Зеленски.
Швајцарскиот министер за надворешни работи Инјацио Касис дури најави можност за „привремен имунитет“ ако Путин учествува на мировна конференција. Австрискиот канцелар Кристијан Штокер пак, ја промовира Виена како град со традиција во посредување и дипломатски форуми.
Но оваа спремност на неутрални земји не може да ја прикрие суровата реалност: Европа практично се подготвува да сврти глава од одлуките на МКС, во име на илузијата за мир. Најголемиот тест за ваквиот пристап е токму Донбас – регион кој повеќе од една деценија е епицентар на војната и на руските геополитички амбиции.
Истокот на Украина, со Донецк и Луганск, одамна е симбол на руската стратегија за дестабилизација. Москва го претвори Донбас во легитимизација на своите империјални соништа, анектирајќи територии по лажни референдуми во 2022 година и распределувајќи стотици илјади руски пасоши. Денес Русија контролира околу 18% од Украина, а речиси целиот Луганск и 70% од Донецк.
За Зеленски, откажувањето од Донбас не е само политички ризик – тоа е неприфатлива капитулација. Истражувањата покажуваат дека три четвртини од Украинците не прифаќаат предавање на ниту педа земја. За нив, Донбас не е преговарачка маса, туку жртвувана територија бранејќи го правото на постоење на Украина како суверена држава.
Во меѓувреме, Европа е фатена во сопствената противречност: од една страна се повикува на меѓународно право и на принципот дека агресијата не смее да биде наградена, а од друга страна е подготвена да го пречека човекот кој токму тоа право го руши.
Донбас не е само прашање на Украина и Русија. Тој е огледало на тоа дали меѓународниот поредок заснован на правила има иднина или ќе стане празна реторика која се жртвува во името на „практичниот мир“.
Подготви: Н.Доковска

