Четири лица беа нападнати со нож денес и повредени во близина на поранешните канцеларии на сатиричното списание „Шарли Ебдо“, изјави францускиот премиер Жан Кастекс.
Според неименуван извор од полицијата, двајца од четворицата повредени лица се во критична состојба, објави Ројтерс.
Париската полиција објави дека е уапсено лицето за кое се верува дека го извршило нападот, пренесе АП.
Претставник на полицијата во Париз изјави дека иако властите првично мислеле дека се двајца напаѓачи, тие сега веруваат дека се работи за само едно лице приведено во близина на Плас де ла Бастиља во источен Париз.
Засега е нејасен мотивот за нападот, како и дали има врска со сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“, кој се пресели во нови канцеларии по нападот од исламските екстремисти во 2015 година. А.Н.

