четврток, април 25, 2024
домаЖивотСоцијална политикаПет отсто ДДВ за менструалните производи, веднаш!

Пет отсто ДДВ за менструалните производи, веднаш!

Женските граѓански организации од Министерството за финансии бараат веднаш намалување на ДДВто за менструални производи од 18 на 5 отсто. Намалувањето на ДДВто, како што изјави Наташа Доковска од Новинари за човекови права пред се е гест на Владата дека се грижи за своите граѓани, а секако и ќе влијае на намалување на менструалната сиромаштија.

Имено, денеска, претставници на Новинари за човекови права ја презентираа Трошковната анализа за менструалните производи, што е направена во рамки на проектот на Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП „Мрежа за родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Република Молдавија“ финансиран од Австриската агенција за развој (АDA) и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA).

Намалување од 18 на 5 отсто или укинување на ДДВ-то на менструалните производи, субвенционирање на цената на производите за менструално здравје и  обезбедување на бесплатни пакети со менструални производи за ученичките вклучени во образовниот процес, како и во јавните објекти се дел од барањата кои денеска ги упатија од Новинари за човекови права во рамки на неделата за управување со менструалното здравје, што се одржува од 28 мај до 3 јуни.
По завршувањето на презентацијата на Трошковната анализа, барањето за намалување на цената на менструалните производи преку намалување на ДДВ-то од 18 на 5 отсто, претставниците од Новинари за човекови права, од Мрежата на родово одговорно буџетирање, Платформата за родова еднаквост и Period Movement,  денеска го доставија до Министерството за финансии. Оттаму велат дека со намалувањето на ДДВ-то ќе се намали цената за 30 денари на месечно ниво, 350 денари на годишно ниво или 13 милиони денари на годишно ниво во буџетот ќе стасат помалку. Во земјава, 29,5 отсто од жените не можат да си дозволат никаков пристап до менструални производи за управување со менструалното здравје, па наместо стандардните производи користат весници, хартија или самонаправени влошки од текстил и 75,6 отсто од нив изјавиле дека причината за тоа е високата цена на производите, велат податоците од Трошковната анализа на менструални производи, која беше презентирана од страна на Новинари за човекови права.
Наташа Доковска, програмски директор во Новинари за човекови права истакна дека според анализата, кај нас жените во просек трошат околу 250 денари месечно за менструални трошоци, еден до два дена во месецот отсуствуваат од работа поради дисменореа (менструални болки), 70 отсто изјавиле дека за време на периодот пијат лекови за намалување на болките, што во просек го зголемува месечниот издаток за управување со менструалното здравје за дополнителни 150 денари. Според анализата, жените за менструални производи имаат месечни трошоци во износ од 250 денари, 150 денари за лекови, 1000 денари за две дневници и 15 до 17 отсто од месечните примања. Малта и Ирска се земји на ЕУ каде се укинати ДДВ-то на менструални производи, додека пак највисоко ДДВ имаат Унгарија 27 отсто, 25 отсто Данска, Хрватска и Шведска, 21 отсто Литванија, 20 отсто Грција…
Во земјите од соседството висината на ДДВ-то на производи за управување со менструалното здравје се движи од 21 отсто во Црна Гора, 20 отсто во Албанија и Србија, 18 отсто Северна Македонија и Косово и  17 отсто Босна и Херцеговина. За поевтино и поквалитетно управување со менструалното здравје (УМЗ), како што се посочува во анализата, неопходно е намалување на цената на менструалните производи преку намалување на ДДВ-то од 18 на 5 отсто и субвенционирање на УМЗ, субвенционирање на менструалната чашка, free period – или пристап до бесплатни производи за менструално здравје на сите ученички вклучени во редовниот образовен процес.
– Придобивки од користењето на чашката се намалувањето на инфекциите кај жената, како и заштитата на животната средина. Според податоците од институтот за јавно здравје бројот на инфекции кај жените како резултат на несоодветно користење на менструалните влошки е зголемен за 70 отсто.  За разлика од влошките и тампоните, голем број студии покажуваат дека менструалните чашки се најбезбедни, а истовремено и создаваат најмалку отпад. Само колку за илустрација во Северна Македонија месечно се фрлаат шест милиони парчиња, ако се знае дека 400.000 жени се во репродуктивен период и ако секоја од нив во текот на месечниот циклус користи по 15 влошки. Free period – или пристап до бесплатни производи за менструално здравје на сите ученички вклучени во редовниот образовен процес. За непречен пристап до менструални производи на државата и се потребни 159.280.560 денари или 2.654.676 евра за секоја ученичка во текот на една година, истакна Доковска.

Александра Радевска од НЧП ја истакна досегашната посветеност на Новинари за човекови права на темата, додека Златко Симоновски од ЦРПМ говореше за Регионалната мрежа за родово одговорно буџетирање.

Јованка Панова, правен соработник се осврна на потребата од намалување на даночната стапка, при што рече:

„Со цел да се овозможи пристап на менструални производи до сите жени без разлика на финансиски примања и социјална припадност, БАРАМЕ да се направи измена во чл. 30 од Законот за ДДВ, со што менструалните производи (влошки, тампони и менструални чашки), ќе бидат оданочени со повластена даночна стапка од 5%. Oвие производи е потребно да се оданочат на исто ниво како фармацевтските производи, бебешките пелени и лековите, бидејќи менструалните производи претставуваат здравстена неопходност исто како и горенаведените производи, a управувањето со менструалнто здравје е едно од основните човекови права.“

Пред Министерството за финансии група поддржувачи на иницијативата побараа исто така намалување на ддв-то од 18 на 5 отсто.  Активистката Љупка Трајановска посочи дека бараат од државата, која се декларира како земја кандидат за членство во Европската Унија, да ја преземе обврската и да го олесни одржувањето на менструалната хигиена за 50% од населението. Таа додаде дека националниот буџет мора да биде родово одговорен и распореден да ги задоволува подеднакво потребите на жените и девојчињата, како и на мажите и момчињата.

„Во Република Северна Македонија 55,3% од работоспособните жени и девојки се економски неактивни или невработени, а со тоа и економски зависни, 22% од жените на возраст од 18 до 64 години живеат под прагот на сиромаштија. Стапката на ДДВ за менструалните производи е 18% – исто колку и за шише виски, или пак кутија цигари. Менструалните производи не се луксузно добро, туку основна потреба“, рече Трајановска.

Истовремено, таа рече дека последните две истражувања од „Реактор“ и „Тииит!Инк“ и од Новинари за човекови права, покажуваат дека 77% од анкетираните жени и девојки трошат до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена.

„Секоја трета испитаничка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, весници, тоалетна хартија и слично. 29.5% од жените кај нас не можат да си дозволат никакви менструални производи, о јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена, во 2021 година за 70% е зголемен бројот на вагинални инфекции поради недостапност на соодветни производи за управување со менструалното здравје“, додаде таа.

„Тука сме да ја разбиеме менструалната стигма. Не, менструацијата не е срамна. Менструацијата е природна појава за секое девојче, девојка и жена со која во просек се справуваме 38 години од животот. Менструалното искуство за секоја од нас е различно во времетраењето, обемот, болката, но она што ни е заедничко е потребата од менстурални производи за ефикасно, безбедно и квалитетно одржување на менструалната хигиена“, рече Трајановска.

Активистката посочи дека спроведената анализа на трошоци покажува дека на годишно ниво во земјава потребно е да се издвојат помалку од 1% од буџетот за да се обезбедат бесплатни менструални производи за ученичките од основно и средно образование, додавајќи дека менструалното здравје е прашање од јавен интерес, додека менструалната правда е предуслов за социјална правда.

По читањето на Прогласот, барањето за намалувањето на ДДВто беше поднесено во архивата на Министерството за Финансии.

А.Накова

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ