среда, ноември 6, 2024
домаКУЛТУРАЛитератураПочина Оливера Николова, една од најплодотворните македонски писателки

Почина Оливера Николова, една од најплодотворните македонски писателки

Една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки, која остави траен белег во македонската литература, Оливера Николова, почина на 88-годишна возраст.

Мајката на сите македонски писателки, како што многумина ја нарекуваат, е родена на 11 март 1936 година, во Скопје. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје.

Со своите дела ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век. Таа беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Авторка е на неколку телевизиски игри: „Зоки Поки“ (ТВ-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (ТВ-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец); „Девојките на Марко“ (ТВ-серија во шест епизоди). Исто така, таа е автор и на неколку радиоигри: „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“, „Големото зошто“ итн.

И покрај богатиот книжевен опус, Оливера Николова е најпозната како автор на првиот градски лик во македонската книжевност – Зоки Поки. За своето творештво, Николова добила многубројни награди. Така, за „Земја во која никогаш не се стигнува“ во 1966 година ја добила наградата на РТВ Скопје и СВП. Во 1975 година повторно ја добила истата награда, овој пат за делото „Пријателите Бон и Бона“. Во 1977 година третпат ја добила таа награда, за делото „Мојот звук“, кое се закитило и со наградата „Младо поколење“ за 1978 година. Исто така, таа е добитник на „Змаевата награда“ за 1983 година за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца.

Во октомври 2012 година, за романот „Куќичка“ таа била номинирана како македонски претставник за наградата „Балканика“. Во декември 2013 година, Оливера Николова го одбележала јубилејот 50 години од литературното творештво, исто колку и познатиот лик од нејзините раскази за деца, Зоки Поки. По тој повод, издавачката куќа „Детска радост“ објавила избор од творештвото на Николова во три тома, насловени како: „Ти чука ли срцето за мене?“, „Ми чука ли срцето за тебе?“ и „Ни чукаат ли срцата за нас?“. За своето книжевно дело, Николова ги освоила наградите „Стале Попов“, „Рациново признание“, два пати „Роман на годината“, „Рациновото признание“ и наградата „ПрозАРТ 2022“ на фестивалот „Про-за Балканот“ за авторски придонес за развојот на книжевноста на Балканот. Во февруари 2016 година, за романот „Кадифената покривка“, Николова ја добила наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2015 година. Истовремено, романот „Куќичка“ бил објавен на српски јазик. Оваа година, пред нејзиниот 88. роденден претседателот на државата  ѝ го врачи Орденот за заслуги за Македонија во 2024 година.

Покрај најпознатата книга за деца, „Зоки Поки“, има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници.

Издавачката куќа „Арс Ламина“, покрај книгите за деца и млади, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“ и „Светлосна година“, пред две години објави десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Николова, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“. Тие се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Тие се подарок за поколенијата!

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ