Шест од осумте млади момчиња и девојки кои настрадаа на новогодишната ноќ поради задушување со гас, беа погребани денеска во Ракитно кај Посушје во Босна и Херцеговина. Вчера беа погребани двајца.
Локалната црква беше премала за да може да го прими големиот број луѓе кои дојдоа да ги испратат Жана, Марија и Стипе Павковиќ, Иван Миличевиќ, Мија Солдо и Стипе Ромиќ.
Во беседа над шесте бели ковчези, мостарскиот бискуп Петар Палиќ, рече дека секој денес се чувствува немоќта во обидот да се најдат зборови што би ја опишале прекумерната болка од губење на младите животи, пренесува РТВ.
“И остануваме неми. Се обидуваме да им понудиме утеха на родителите, но ништо не поминува преку нашите усни. Ова страдање е едноставно преголемо и претешко за родителите и семејството. Почетокот на годината веќе нема да биде ист”, рече бискупот.
Тој рече дека цела БиХ и регионот сочувствуваат со семејствата на починатите тинејџери.
„Наместо зборови, да ги преклопиме рацете и да му кажеме на Бога да им помогне на семејствата во нивната болка и да остане со нив“, рече тој.
И на патот од црквата до гробиштата, според локалните медиуми, во молк се слушало само липање.
Мирела Резо и Стјепан Јукиќ беа погребани вчера во Посушје.
Осумте млади починаа на новогодишната ноќ во викенд куќа во Трибистово кај Посушје, поради задушување со гас.
Денес во Федерацијата БиХ беше прогласен Ден на жалост, а со одлука на Советот на министри на БиХ, ден на жалост во земјата беше 2 јануари, додека кантоналната влада прогласи тридневна жалост – 2, 3 и 4 јануари. А.Н.

