петок, октомври 18, 2024
домаЖивотЗдравјеПостнатална депресија кај мажите

Постнатална депресија кај мажите

Стравот од непознатото, растрепереноста и збунетоста по новонастанатите околности, младите татковци лесно може да ги доведе до депресија.

Пред педесетина години воопшто не се зборувало за постнатална депресија. Денеска тоа е тема која што е исклучително актуелна, за која што се пишува, се зборува и се добиваат информации дури на часовите за психофизичка подготовка за породување. Да бидеме попрецизни, за оваа тема се зборува само кога се во прашање жените, новите мајки. А како се чувствуваат татковците?

Сите негови стравувања

За разлика од жените, коишто девет месеци физички се подготвуваат да станат мајки, мажите имаат само ментална, но нејасна претстава за тоа што ги чека. Токму поради тоа, некои татковци доживуваат шок кога преку ноќ ќе им се промени секојдневието. Мажите кај коишто е препознаена депресија велат дека бебето за нив е апсолутен странец. Чувствуваат притисок дека веднаш би требало да го сакаат, а чувството кое што всушност доминира е стравот – дали ќе се снајдат во новата улога, дали ќе успеат да излезат во пресрет на барањата на бебето, па и на жената, како ќе им годи новата поставеност на приоритетие и организацијата.

Таткото никој ништо не го прашува?!

Кога ќе се роди бебето, целиот фокус е на него, па потоа на мајката. Ретко кој ќе го праша таткото: “Како си ти? Како се снаоѓаш? Дали ти е потребна помош?”. Никој не се грижи за тоа дека мажите во повеќето случаи мораат да се вратат на работа веќе по една недела. А животот им се променил од темел. И тие се често пати ненаспани и исцрпени од целовечерното бдеење, носење и смирување на бебето, а наутро повторно ги чека работа и редовните обврски. Има се повеќе докази и научно потврдени истражувања кои што говорат за тоа дека и мажите минуваат низ период на депресија откако ќе добијат бебе. Некои татковци дури се прашуваат: “Што ми требаше сето ова?”

Најтешко им е на оние татковци коишто психички се подготвувале, очекувале дека ќе бидат исполнети со радост кога ќе го здогледаат своето новороденче, а наместо тоа се чувствуваат збунето. И тогаш повторно си го поставуваат прашањето: “Што не е во ред со мене? Зошто вака реагирам?”. Ова се се знаци дека мажот минува низ постнатална депресија.

Што велат фактите?

Истражувањата покажуваат дека околу десет отсто од татковците минуваат низ ваков вид на депресија. Таа најчесто се јавува кај мажите кои што прв пат стануваат татковци, уште почесто кај постарите татковци, или кај оние кои што веќе имаат проблеми во бракот. Додека се борат да се адаптираат на новите околности и да се навикнат на новата улога, истовремено се обидуваат да одржат добар однос со сопругата, што не се случува секогаш.

Уште потешко им е на оние мажи чии што жени се депресивни. Иако се свесни дека на жените обично им е потешко отколку на нив, бидејќи постојано го минуваат времето со бебето и многу се поангажирани, сепак тоа не го менува фактот дека и на нив им е тешко. Тоа што дополнително ја влошува ситуацијата, особено кај чувствителните мажи, е тоа што целото внимание на нивната сакана е насочена кон бебето. Се прашуваат каде е нивното место, дали некогаш повторно ќе се почувствуваат важни и сакани.

Како да го препознаете проблемот?

Доколку оваа состојба не се третира, може да има сериозни последици во односот меѓу таткото и неговото бебе. И не само на односот, туку и на развојот на децата. Имено, истражувањето кое што е направено на Универзитетот во Бристол покажува дека децата чиишто татковци патат од депресија додека тие биле бебиња, често имаат проблеми во однесувањето. Не е секогаш лесно да се препознае депресијата. Кај некои татковци таа состојба може да потрае и дури подоцна себеси да си признаат дека се депресивни и дека мораат да направат нешто по тој повод. Ниту на жените не им е лесно да ја препознаат депресијата кај своите мажи. Окупирани со новите обврски, мајките понекогаш не забележуваат колку нивните партнери се несреќни. Се случува да увидат дека нешто не е в ред дури кога ситуацијата ќе стане алармантна. Многу е тешко да се натераат мажите да зборуваат. Кога имаат проблем, тие најчесто се обидуваат самите со него да се исборат, понекогаш им е срам да ја признаат слабоста, а уште помалку сакаат да ја оптоваруваат партнерката со своите проблеми. Многумина навикнале да бидат мачо и да ги поттиснуваат емоциите, па затоа не треба да не чуди фактот дека во ситуацијата која што за нив е навистина тешка, не смеат да признаат колку им е лошо – ниту себеси, а уште помалку на другите.

Помогнете му на својот партнер

Меѓутоа, од молчење и задржување на емоциите во себе тешко дека кој било ќе има корист. Доколку се сомневате дека вашиот маж е депресивен или анксиозен (загрижен, вознемирен), охрабрете го да ги подели своите емоции со вас. Кажете му дека тоа што ќе разговара со вас, а уште подобро со стручно лице, не го прави послаб маж. Напротив, ако единствен начин да го реши својот проблем е да разговара со некого, во вашите очи тој може да изгледа само посилен, бидејќи има храброст да се соочи со својот проблем. Дури и самото признавање на проблемот, соочувањето со фактот дека е депресивен или анксиозен, е првиот чекор кон промена. Разговорите со психолог во оваа ситуација можат многу да помогнат. Понекогаш ќе биде потребна и помош со антидепресиви. Можеби звучи парадоксално, но за некои татковци вистинскиот лек бил во минување повеќе време со своите деца. На почеток, тоа може да биде тешко, но колку што повеќе татковците се фокусираат на новите обврски, толку ќе се почувствуваат покорисно, а тоа е почетната точка да се чувствуваат подобро. Уште кога бебето ќе им возврати со насмевка, радост, кога ќе добијат потврда дека тоа што го прават има смисол – се ќе почне да се менува на подобро. Треба да се има на ум дека ова е минлива состојба. Трае неколку недели или неколку месеци, а потоа е се полесно. Уживањето во родителството може да почне.

Пет знаци на постнатална депресија кај мажите

Речиси сите родители на моменти се исцрпени и премногу чувствителни. Но, доколку вашиот партнер покажува некои од следните знаци, веројатно станува збор за постнатална депресија:

1.    Се плаши да го држи бебето во прегратка и постојано има изговор за тоа што не се осмелува да го подигне

2.    Лошо спие и често е буден, дури и кога бебето спие во длабок сон

3.    Чувствува паника ако треба да остане сам со бебето

4.    Има значително намален апетит

5.    Премногу се грижи и често се плаши дека ќе го повреди бебето

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ