Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека во текот на вчерашниот јавен собир во Скопје, пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите насилно ја турнале заштитната ограда и употребиле пиротехнички средства, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието.
Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата спровела соодветни мерки и активности, а употребила и солзавец.
Повредени се седум полициски службеници, а досега се приведени 25 лица. Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила врз полицијата и насилен упад во институциите, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење.